Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека целта Црна Гора да се приклучи на Европската Унија е на дофат и дека ова е моментот земјата да ги забрза и интензивира своите напори на тој пат.
Заедно со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, Фон дер Лајен официјално ја отвори првата инвестициска конференција на Црна Гора и ЕУ во туристичкото одморалиште Луштички Залив во близина на Тиват. Конференцијата е посветена на паметен и одржлив економски развој и собра бројни претставници на политиката, економијата, финансискиот сектор и секторот за заштита на животната средина од Црна Гора и Европа.
За време на конференцијата ќе бидат претставени четири нови европски инвестициски проекти во црногорската економија.
„Со реформите во областа на владеењето на правото и транспарентноста во јавните набавки, ќе испратите јасен сигнал дека Црна Гора е сериозна во своите намери и дека е кредибилно место за развој на бизнисот“, рече Фон дер Лајен.
Predsjednica EK Ursula fon der Lajen impresionirana je ambicijom, odlučnošću, hrabrošću i napretkom koji je Crna Gora postigla u evropskoj integraciji u protekle dvije godine. Zalaganje svih i fokus na reforme vode nas ka ostvarenju cilja – da 2028. pristupimo Uniji! 🇲🇪🇪🇺 pic.twitter.com/IDQ6a8mBe8
— Milojko Spajić (@MickeySpajic) October 13, 2025
Претседателот на ЕК ја пофали реформската политика и резултатите постигнати досега од страна на црногорската влада и нагласи дека земјата нуди многу привлечни можности за инвестирање во различни области.
„Црна Гора има неверојатен потенцијал, но инвестициите во нејзината економија сè уште не го достигнале тој потенцијал. Затоа би сакал да им порачам на заинтересираните да не чекаат формален влез на Црна Гора во ЕУ, туку да ја искористат можноста сега, во спротивно некој ќе ги престигне“, нагласи Фон дер Лајен.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ изјави дека ЕУ е најголемиот и најважен стратешки партнер на Црна Гора, но и најголемиот инвеститор во земјата.
„Црна Гора е географски мала, но е голема во можностите што ги нуди. Во нашата земја нема доминантни етнички групи, што нè научи на меѓусебно почитување, толеранција и разбирање со векови. Нашите разлики не се ограничување, туку наша компаративна предност.
Во таа смисла, Црна Гора е веќе дел од ЕУ, симболично и во нашиот начин на размислување. Денес, тука отвораме ново поглавје во зајакнувањето на нашите економски врски со Унијата“, рече Спајиќ. Тој истакна дека во Црна Гора моментално се спроведуваат разни проекти во инфраструктурата и економијата во вредност од повеќе од три милијарди евра и дека земјата веќе ги исполнува критериумите од Мастрихт за членство во ЕУ.
„Црна Гора е на прагот да се приклучи кон ЕУ. До крајот на 2026 година ќе ги затвориме сите поглавја од преговорите за да станеме членка на Унијата до крајот на 2028 година“, рече Спајиќ, нагласувајќи дека пристапувањето на Црна Гора е идеална можност ЕУ да покаже дека „најуспешната политика на Унијата, проширувањето, не е нешто од минатото, туку е многу жива и актуелна“.
Во врска со изјавата на Спајиќ, претседателката на Европската комисија рече дека „навистина ѝ се допаѓа формулацијата, 28-та членка на ЕУ до крајот на 2028 година“. Фон дер Лајен го пофали влегувањето на Црна Гора во системот за плаќање SEPA и најави укинување на роамингот со земјите од ЕУ во 2026 година.
„Црна Гора сега ќе добие осум милиони евра бидејќи ги исполни условите за тоа, но треба да продолжи со реформите за да ги исполни условите за користење на целиот фонд од 380 милиони евра наменети за Црна Гора“, рече фон дер Лајен.
Запрашана да го коментира повикот на премиерката на Луксембург за донесување одлука за членството на Црна Гора следната година, таа рече дека спогодбата за пристапување ќе биде готова кога Црна Гора ќе биде подготвена за членство.