За само пет дена, во Грција ќе стапи на сила новиот Закон за безбедност во сообраќајот, кој носи многу построги казни за сите учесници во сообраќајот.
Новите мерки вклучуваат високи казни, одземање на возачки дозволи, регистарски таблички, па дури и затворски казни, вклучително и доживотен затвор во најсериозните случаи.
Грција е решена да го намали бројот на сообраќајни несреќи, а од 14 септември 2025 година воведува нов, построг Закон за безбедност во сообраќајот. Казните ќе бидат многу пати повисоки од претходно, а законот важи и за странски државјани, вклучително и туристи кои доаѓаат со сопствени или изнајмени возила.
Казните ќе се движат од 350 до дури 8.000 евра, а предвидени се суспензија на возачки дозволи, одземање на регистарски таблички, па дури и затворски казни, вклучително и доживотен затвор во случај на сериозни несреќи со фатален исход.
Најважните промени во законот:
Користење мобилен телефон при возење: казни од 350 до 4.000 евра, суспензија на дозвола до 8 години. Во случај на несреќа - можна е и доживотна казна затвор.
Неносење сигурносен појас или кацига: казни од 350 до 2.000 евра, одземање на дозволата до 12 месеци, и за возачот и за патниците.
Возење под дејство на алкохол: казни до 4.000 евра, одземање на дозволата до 10 години, затвор до 5 години, а во случај на несреќа со смртоносен исход - доживотна казна затвор.
Пребрзо возење: казни до 2.000 евра, одземање на дозволата до 1 година; во случај на несреќа - казна до 8.000 евра и одземање на дозволата до 4 години.
Возење на црвено светло или непрописно запирање: казни до 4.000 евра, одземање на дозволата до 8 години, а во потешки случаи - затвор. Возење без возачка дозвола: казна до 4.000 евра, одземање на правото за добивање возачка дозвола до 8 години, со можност за затвор до 2 години.
Прекинување на железнички или јавен превоз: казни до 4.000 евра, одземање на возачката дозвола до 8 години, затвор до 20 години, а во случај на несреќа - доживотна казна.
Паркирање на места за лица со попреченост: казна од 150 до 2.000 евра, со можна забрана за возење до 1 година.
Законот воведува и построги правила за повторени прекршители - секоја следна грешка повлекува построги казни и подолга забрана за возење.
Совет за туристите:
Со оглед на тоа што законот важи и за странски возачи, вклучувајќи туристи од Македонија и регионот, грчките власти апелираат за строго почитување на сообраќајните прописи. Особено се нагласува забраната за употреба на мобилни телефони, алкохол при возење и почитувањето на брзината.
Казните не може да се „договорат“ на лице место, а неплатените казни можат да доведат до забрана за влез во земјата, како и до заплена на возило или привремено задржување.