Србија наскоро ќе започне сериско производство на балистички ракети, најави српскиот претседател Александар Вучиќ на Деловниот форум Србија – Узбекистан. Вучиќ додаде дека Србија е подготвена сама да го реализира проектот, но и го покани Узбекистан на соработка во развојот.
„Можеме да постигнеме одлични резултати во одбранбената индустрија. Бележиме напредок во тој сектор; учиме, усвојуваме технологија од одредени сили и ја пренесуваме на други“, рече Вучиќ.
За време на своето излагање, Вучиќ му се обрати на Ненад Милорадовиќ, помошник-министер за одбрана за материјални ресурси, и праша колку време би било потребно за да се започне со производство на балистички ракети со голем дострел. Тој нагласи дека ракетите со краток дострел веќе се произведуваат, а Милорадовиќ одговори дека за оние со голем дострел би била потребна една година.
„За една година ќе започнеме со производство на балистички ракети со голем дострел и подготвени сме да соработуваме со вас и на тоа поле. Станува збор за развојни проекти за кои ретко разговараме со граѓаните на Србија, а сепак тие сведочат за нашиот технолошки, индустриски и суштински напредок“, рече Вучиќ.
„Нашите експерти веќе постигнаа многу и верувам дека, како што реков, ова ќе го реализираме во рок од една година. Подготвени сме да соработуваме во оваа област со нашите пријатели од Узбекистан“, додаде тој.