Околу 137 активисти приведени од Израел за учество во флотила насочена кон доставување хуманитарна помош во Газа пристигнаа во Турција во саботата откако беа депортирани, а двајца активисти тврдат дека Грета Тунберг била малтретирана додека била во притвор.
Израел не одговори веднаш на барањето за коментар за новите обвинувања, но Министерството за надворешни работи претходно ги опиша извештаите дека притворените биле малтретирани како „целосни лаги“.
Меѓу активистите што слетаа на аеродромот во Истанбул имаше 36 турски државјани, како и државјани на САД, Обединетите Арапски Емирати, Алжир, Мароко, Кувајт, Либија, Малезија, Мавританија, Швајцарија, Тунис и Јордан, соопштија извори од турското Министерство за надворешни работи.
Двајца активисти, Малезијката Хазвани Хелми и Американката Виндфилд Бивер, изјавија за Reuters на аеродромот дека биле сведоци на злоставувањето на Грета Тунберг, велејќи дека била туркана и принудувана да се завитка во израелско знаме.
„Беше катастрофа. Се однесуваа кон нас како кон животни“, рече Хелми (28), додавајќи дека затворениците не добивале чиста храна и вода и дека нивните лекови и потребни работи биле конфискувани.
43-годишната Бивер рече дека Тунберг била „ужасно третирана“ и „искористена за пропаганда“, опишувајќи како била истуркана во една просторија кога пристигнал крајнодесничарскиот министер за национална безбедност на Израел, Итамар Бен-Гвир.
Израел се соочува со меѓународна осуда откако неговата војска пресретна околу 40 бродови од флотила што носела хуманитарна помош за Газа и затвори повеќе од 450 активисти.
Министерството за надворешни работи на Израел напиша на X дека сите активисти се „безбедни и во добра здравствена состојба“, додавајќи дека сакаат да ги завршат преостанатите депортации „што е можно поскоро“.
Во посебен пост на X, министерството ги осуди некои членови на флотилата за „намерно попречување“ на процесот на депортација, иако не дадоа докази за тоа.
Според Adalah, израелска група која им обезбедува правна помош на членовите на флотилата, на некои притвореници им бил одбиен пристап до адвокати, вода, лекови и тоалети.
Тие исто така биле „приморани да клечат со врзани раце најмалку пет часа, откако некои учесници почнале да скандираат „Слободна Палестина“, рече Adalah.
Израел ги негира ваквите обвинувања. „Сите тврдења на Adalahu се целосни лаги. Секако, на сите затвореници им е даден пристап до вода, храна и тоалети; не им е одбиен пристап до адвокати и нивните права се целосно почитувани“, изјави за Reuters портпарол на Министерството за надворешни работи.