Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, кој учествуваше во последните часови од преговорите што доведоа до примирјето со Иран, рече дека тоа е „кревко примирје“ кое му откри многу за функционирањето на иранскиот систем.
Зборувајќи во Будимпешта, Венс рече дека реакциите од Иран се мешани, во зависност од тоа од кој дел од владата доаѓаат. Тој рече дека министерот за надворешни работи реагирал позитивно на планот, додека други, тврди тој, „лажеле“ за ефектите од американската воена акција и самата рамка на примирјето.
„Затоа велам дека ова е кревко примирје. Имате луѓе кои јасно сакаат да седнат на преговарачка маса и да работат со нас на добар договор, а потоа ги имате оние кои лажат дури и за кревкото примирје што веќе го постигнавме“, рече тој.
„Ако Иранците се подготвени да работат со нас со добра намера, мислам дека можеме да постигнеме договор. Ако лажат, измамат и се обидат да спречат дури и ова кревко примирје што го воспоставивме да се спроведе, нема да помине добро“, предупреди тој.
Тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп побарал од својот тим засега да ја одложи употребата на одредени воени, дипломатски и економски алатки за притисок врз Иран. Но, тој нагласи дека тие опции остануваат на маса доколку Иран не се вклучи конструктивно во преговорите за трајно завршување на војната.
„Тој ни рече да дојдеме на преговарачката маса“, рече тој, осврнувајќи се на Трамп.
„Но, ако Иранците не го сторат истото, ќе видат дека американскиот претседател не е некој со кого треба да се поигрува. Тој е нетрпелив. Тој е нетрпелив да постигне напредок“, заклучи Венс.