Денес избувна пожар во фабриката за муниција Knds Ammo Italy во Колеферо, во близина на Рим, по што следеше голема експлозија. Несреќата се случи во одделот за пресување барут.
Според италијанските медиуми, пожарот избувна во поранешната фабрика Simmel Difesa, која сега е во сопственост на конзорциумот KNDS Italy.
Пожарот бил проследен со експлозија, но спасувачките служби соопштиле дека инцидентот зафатил само една област од објектот за производство и складирање на експлозиви и муниција.
Извори од спасувачките служби изјавиле дека нема повредени или смртни случаи во несреќата. Инцидентот се случил во одделот за пресување барут, дел од фабриката каде што се преработуваат материјали со висок ризик.
Knds Ammo Italy произведува муниција од среден и голем калибар за копнена и поморска одбрана, како и цврсти погонски горива за вселенски летала.
Тоа е еден од најважните европски погони за производство на артилерија, поморска и специјална муниција од среден и голем калибар.