Сите граѓани на земји што не се членки на ЕУ, како што е Македонија, мора да дадат отпечатоци од прсти и да им се скенираат лицата секој пат кога ќе влезат или ќе ја напуштат Шенген зоната, иако овие правила варираат од ситуација до ситуација.
Девет земји од Шенген-зоната ја одложија целосната имплементација на EES системот, вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија и Белгија, во договор со Брисел.
Причината се технички проблеми, недостаток на персонал и метеж на границите, па затоа биометриските проверки нема строго да се применуваат по 6 септември.
Европскиот систем за влез/излез (EES) на ЕУ, одговорен за голем дел од застојот на граничните премини, е одложен во најмалку 9 земји, што би можело да се протолкува како голем неуспех за Брисел.
Франција, Германија, Италија, Белгија, Холандија, Грција, Малта, Португалија и Швајцарија добија дозвола да ја одложат целосната имплементација на овој систем.
Според EES, сите граѓани на земји што не се членки на ЕУ, како што е Македонија, мора да дадат отпечатоци од прсти и скенирање на лицето секој пат кога влегуваат и излегуваат од Шенген-зоната, иако овие правила варираат од ситуација до ситуација.
Службениците во Брисел им дозволија на овие земји да ги одложат биометриските гранични проверки со цел „да се одржи протокот на границите“, објави The Times.
Водечкиот систем за гранична контрола на ЕУ беше лансиран во октомври 2025 година, по години одложувања, и се очекуваше да биде целосно оперативен до април годинава.
Сепак, се појавија бројни проблеми, како со софтверот, така и со недостатокот на персонал. Потоа беше понуден период од 150 дена во кој поединечните земји можеа да ги суспендираат проверките доколку проценат дека толпите се преголеми.
Тој период истече на 6 септември, и иако Брисел претходно ја отфрли можноста за негово продолжување, најмалку девет земји од Шенген зоната ја информирале Комисијата дека нема целосно да го имплементираат системот сè додека технологијата не почне правилно да работи.
Брисел неформално се согласил на тоа, овој пат, очигледно, без рок.
Претходно, авиокомпаниите, аеродромите и операторите на пристаништа силно лобираа за одложување на имплементацијата.
Од друга страна, претставниците на ЕУ постојано тврдат дека системот функционира добро.
Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА), чадор-организацијата на светските авиокомпании, предупреди на сериозни последици доколку ЕУ не го промени својот став.
„Ќе имаме огромен проблем ако не можеме да го исклучиме системот. Дури и со флексибилност, видовме оперативни тешкотии, технички дефекти и нестабилност на повеќе аеродроми“, рече Томас Рејнарт, виш потпретседател за надворешни работи во ИАТА.
Се верува дека британската влада вршела притисок и зад сцената.
Апостолос Цицикостас, европскиот комесар задолжен за преговорите за EES со земјите надвор од ЕУ, наводно приватно ја уверил британската министерка за транспорт Хајди Александер претходно летово дека системот нема строго да се спроведува по 6 септември.
Секоја земја од Шенген-зоната го имплементира EES на различен начин, при што некои земји, како што се Шведска и Португалија, нудат апликација преку која патниците можат да ги испраќаат своите биометриски податоци.
Сите национални системи се поврзани со еден портал управуван од eu-LISA, агенција на ЕУ со околу 400 вработени, со седиште во Естонија.
Кога патникот прв пат влегува во Шенген, податоците од неговиот пасош се испраќаат до eu-LISA за да се создаде централна датотека. Потоа се собираат отпечатоци од прсти и скенирања на лицето и се споредуваат со податоците во таа датотека.
Сепак, два клучни проблеми го загрозија овој процес.
Во некои земји, биометриските податоци се собираат, но никогаш не се пренесуваат до eu-LISA поради технички грешки.
Во други земји, граничниот персонал не може да пристапи до постојните досиеја на патници, што значи дека мора да го започне целиот процес од нула.
Овие проблеми продолжуваат, поради што биометриските скенери во вредност од милиони евра на аеродромите и пристаништата стојат неактивни и неискористени.