Новата порака на американската администрација кон Блискиот Исток доаѓа од устата на Том Барак, новиот американски амбасадор во Турција и специјален пратеник за Сирија.
Во својата прва официјална изјава, Барак испрати силна порака за промена на пристапот на Америка кон регионот, нарекувајќи ја претходната западна политика „историска грешка“ и повика на нова ера заснована на регионални решенија и партнерства.
„Пред еден век, Западот црташе мапи, наметнуваше мандати и граници за империјални интереси - не за мир. Сајкс-Пико* ја подели Сирија, што чинеше цела генерација. Нема да ја повториме таа грешка“, рече Барак.
Нагласи дека ерата на западно мешање е завршена и дека иднината на Блискиот Исток лежи во почитувањето, дипломатската соработка и зајакнувањето на регионалните иницијативи.
„Како што рече претседателот Трамп во Ријад: Поминаа деновите кога западните интервенционисти доаѓаа на Блискиот Исток за да држат предавања“, рече Барак.
Конкретно се осврна на сириската трагедија, нагласувајќи дека нејзината катастрофа започнала со поделби и дека нејзиното оживување мора да дојде преку достоинство, единство и вложување во народот.
„Мирот е можен со падот на Асад. Укинувањето на санкциите го отвора патот за просперитет и безбедност“, истакна Барак.
Барак нагласи дека Соединетите Американски Држави стојат со Турција, земјите од Заливот и Европа - не со војници или политичко наметнување, туку со народот на Сирија. Повика на вистина и одговорност како основа за изградба на нова Сирија, преку соработка со регионот, а не заобиколување.
Пораката на Барак доаѓа во време кога самата американска надворешна политика се соочува со преиспитување на својот глобален ангажман, особено во конфликтни зони како што е Блискиот Исток.
Оваа изјава сигнализира можна промена од сегашната политика на интервенција, санкции и воени ангажмани кон политика на дипломатска поддршка и локално зајакнување.
*Договорот Сајкс-Пико бил таен договор од 1916 година помеѓу Обединетото Кралство и Франција, со согласност од Русија и Италија, за дефинирање на нивните меѓусебно договорени сфери на влијание и контрола во евентуалната поделба на Отоманското Царство. Автори биле дипломатите Марк Сајкс и Франсоа Жорж-Пико.