Во лозје на југот на Франција, земјоделски работник нашол делумно изгорено тело на жена, а семејството на исчезнатата инфлуенсерка Соња Белини (29) е убедено дека станува збор за неа.
Белини, која е од областа Ним, исчезна пред девет дена, а канцеларијата на државниот обвинител потврди дека е покрената истрага за убиство, пишува Bild.
Работникот го открил телото меѓу редови лозја во департманот Гард. Властите испратиле 40 жандарми на терен, а истражителите во Сен-Жил, место оддалечено околу дваесет километри од Ним, спроведуваат детален форензички преглед на местото. Официјална потврда за идентитетот на жртвата ќе биде можна дури по завршувањето на ДНК анализата.
Соња Белини имала околу 260.000 следбеници на TikTok. Требало да го прослави својот 30-ти роденден во септември, а според медиумските извештаи, семејството веќе ја организирало прославата. Белини престана да објавува на својот канал во 2025 година.
Беше позната по т.н. lip-sync видеа, кратки клипови во кои корисниците ги отвораат устите синхронизирани со постоечко аудио, обично музика или филмски дијалог. Форматот стана популарен преку апликации како TikTok и е една од најчестите форми на содржина на социјалните медиуми.
Сè уште не е познато како починала 29-годишната жена. Канцеларијата на државниот обвинител засега не дава детали за можни осомничени или мотив. Нејзината сестра Миа изјави за весникот Midi Libre дека Соња имала закажан состанок вечерта на нејзиното исчезнување.
Таа рече дека нејзината сестра требало да се сретне со маж со кого излегувала претходно. Во меѓувреме, семејството се соочува со гласини и напади на социјалните медиуми, каде што се шират тврдења дека Соња била ескорт девојка. Затоа, тие контактирале со TikTok и побарале отстранување на ваквите објави.