Аналитичарите на ЦИА изразија сомнежи до администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со израелските разузнавачки информации за наводен ирански заговор за атентат, што го натера американскиот претседател тајно да го смени авионот минатиот месец кога ја напушти Турција, објави Washington Post.
Повикувајќи се на сегашни и поранешни американски функционери запознаени со разузнавањето, весникот наведува дека Израел ѝ доставил на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) информации за заканата, но аналитичарите не ги сметале за доволно убедливи.
Еден од функционерите со кои разговарал весникот ги отфрлил информациите како „информации со израелско потекло, а не информации собрани од САД, што се смета за несигурно“, додека друг рекол дека „Тајната служба имала три ситуации каде што претседателот бил блиску до опасност, па затоа не сакаат ништо да остават на случајот“.
„Направиле што морале“, додаде функционерот.
Поранешниот функционер, од друга страна, рекол дека инцидентот „се вклопува во поширок модел на известување на израелската разузнавачка служба што некои функционери го сметаат за дизајниран колку за да влијае на донесувањето одлуки на претседателот, толку и за да го информира“.
Washington Post објави дека Белата куќа не сакала директно да коментира за случајот, иако анонимен американски функционер одговорил велејќи дека „претседателот, како што самиот рекол, се соочува со бројни закани по неговиот живот, вклучително и оние од Иран, и дека се преземаат сите мерки за да се обезбеди неговата безбедност“.
„Главната мисија на Тајната служба на Соединетите Американски Држави е да го заштити претседателот, што тие го постигнаа“, додаде функционерот.
Трамп беше тајно префрлен од Air Force One во друг државен авион за време на посетата на Анкара минатиот месец, откако беше оценето дека постои веродостојна и непосредна закана дека неговиот авион ќе биде цел на систем за потиввоздушна одбрана.
Заканата дојде на последниот ден од посетата на Трамп на Анкара за самитот на НАТО, во услови на зголемени тензии со Иран.
Според извор запознаен со ова прашање, Тајната служба проценила дека постои веродостојна и непосредна закана дека „Ер Форс Уан“ ќе биде цел на рачно испалена противвоздушна ракета.
Затоа, во краток рок била организирана необична операција за прикривање. Трамп и мала група помошници биле префрлени со камион за достава на храна од големиот сино-бел претседателски авион во помал, незабележлив авион C-32A, кој го користеле за да ја напуштат Турција на 8 јули.
Air Force One полетал одделно со високи претставници на администрацијата, персоналот на Белата куќа и прес-придружба.
Трамп им рече на новинарите дека промената на авионот била наредена од Тајната служба, која е одговорна за безбедноста на претседателот. Тој за летот рече: „Всушност мислам дека авионот во кој бев беше изложен на поголем ризик. Мислам дека беше изложен на поголем ризик затоа што тоа е авион за кој, според мое мислење, би сметале дека има поголема веројатност да биде соборен“.