Израелската влада синоќа изрази сочувство за смртта на папата Франциск, три дена откако почина 88-годишниот поглавар на Католичката црква.

„Државата Израел изразува најдлабоко сочувство до Католичката црква и католичката заедница во светот поради смртта на папата Франциск“, објави канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Односите меѓу Израел и Светата столица значително се влошија од почетокот на израелската офанзива врз Газа. Папата Франциск честопати ги критикуваше постапките на Израел во палестинската енклава, каде што живеат околу илјада христијани.
Израелската влада претходно изрази сочувство за смртта на Франциск во понеделникот, но ја избриша објавата по неколку часа.
За разлика од другите земји кои ќе бидат претставени од највисоките функционери на погребот на папата в сабота, Израел испраќа само амбасадор, објави Times of Israel.