Иако воведувањето на ETIAS е одложено, измамници нудат лажни услуги. Прочитајте понатаму за да дознаете како да се заштитите од кражба на лични податоци при патување во ЕУ.
Иако воведувањето на ETIAS-овластувањето за влез во Шенген зоната е повторно одложено, на интернет кружат измамнички веб-страници кои им наплаќаат на невнимателните патници за непостоечки апликации и им ги крадат личните податоци.
Конкретно, на британските државјани кои патуваат во земјите на Европската унија им се советува да не поднесуваат барања за ETIAS-овластување за патување, бидејќи моментално над 150 веб-страници ја нудат оваа услуга – и покрај фактот што нејзиното спроведување е одложено.
Од граѓаните на земји кои не се членки на ЕУ – вклучително и патници од Обединетото Кралство и други нации со безвизен режим, како што се САД, Австралија и Канада – наскоро ќе се бара да платат 20 евра за електронско овластување за влез во Шенген зоната, во рамките на Европскиот систем за информации и овластувања за патување (ETIAS), пренесува The Guardian.
Системот првично требаше да стапи на сила набргу по лансирањето на паралелниот граничен систем на ЕУ: Системот за влез/излез (EES). Сепак, воведувањето на двата система е постојано одложувано. Понатаму, постојаните проблеми што се појавија при обидот за воведување на EES – вклучително и софтверски тешкотии на француските гранични премини – доведоа до тоа ETIAS да остане во мирување.
„Иако ETIAS требаше да стапи на сила оваа година, тој повторно е ставен во мирување. Здружението ABTA смета дека тој не треба да се воведе сè додека EES не биде целосно оперативен и не функционира беспрекорно. Ова е особено важно со оглед на проценката на европските власти дека веќе постојат над 150 веб-страници кои нудат ETIAS-услуги – иако постои само една официјална страница преку која луѓето треба да поднесуваат барања откако системот ќе стане активен“, изјави Лук Петербриџ, директор за односи со јавноста во туристичкото здружение ABTA.
Истражувањето на ABTA покажува дека свесноста за претстојните гранични правила се зголемува – од 41% во 2024 година на 56% во моментов. Надоместокот за аплицирање е зголемен од 7 на 20 евра (при што лицата постари од 70 и помлади од 18 години се ослободени од плаќање), но датумот за воведување на системот сè уште не е одреден.
Frontex, паневропската агенција за гранична контрола, предупреди на постоењето на лажни веб-страници уште многу пред воопшто да биде планирано воведувањето на ETIAS. Иако комерцијалните веб-страници можат легално да поднесуваат барања за одобрување во име на клиентите, Агенцијата нагласи дека ризиците од соработка со трети страни се движат од прекршување на заштитата на податоците и кражба на идентитет, па сè до наплаќање превисоки, неоправдани надоместоци.
Исто така, утврдено е дека некои неофицијални веб-страници даваат неточни информации за тоа на кого всушност му е потребен ETIAS, притоа имитирајќи го изгледот на официјалната страница и користејќи имиња на домени што делуваат веродостојно.
„Ако користите некоја од овие веб-страници, не само што ќе изгубите пари, туку и ќе ги изложите на ризик вашите лични податоци. Особено сакам да нагласам дека во моментов не можете – а и не треба – да поднесувате барање за ETIAS“, изјави Питербриџ.
Системот EES е целосно оперативен; сепак, граничните власти се известени дека ЕУ нема да наметне санкции доколку тие одлучат привремено да го суспендираат системот на влезните точки во периоди на преголеми гужви.
Оваа флексибилност помогна во голема мера да се избегнат најголемите стравувања на туристичката индустрија за ова лето. Анкетите спроведени од здружението ABTA покажаа дека само 46% од посетителите во Европа поминале низ целосни проверки; од нив, половината чекале помалку од 30 минути, додека само 13% поминале еден час во редица.