Канадската покраина Алберта за нешто повеќе од два месеца ќе одлучи дали ќе остане дел од оваа земја или ќе го започне процесот на отцепување.
Алберта е покраина богата со нафта во Западна Канада која традиционално гласа конзервативно. Со години има сепаратистичко движење, но тоа доби на интензитет од канадските избори во 2025 година.
Некои жители веруваат дека Канада има непропорционално влијание врз внатрешните работи на покраината и дека законодавството за животна средина на федералната влада го забавува развојот на нејзината нафтена и гасна индустрија.
Гласањето ќе се одржи на 19 октомври. Премиерката на Алберта, Дениел Смит, која ја искажа својата поддршка за обединета Канада, го објави референдумот на 21 мај.
Според веб-страницата за референдумот во Алберта, прашањето на гласачкото ливче ќе биде: „Дали Алберта треба да остане покраина на Канада или Владата на Алберта треба да го започне правниот процес предвиден во Уставот на Канада за одржување обврзувачки покраински референдум за тоа дали Алберта треба да се отцепи од Канада?“
Гласачите ќе избираат помеѓу тоа Алберта да остане канадска покраина или да започне повеќегодишен правен процес што би довел до обврзувачки референдум во подоцнежна фаза.
Важно е да се напомене дека овој референдум нема автоматски да го активира процесот на сецесија доколку жителите на Алберта гласаат за отцепување од Канада.
Ова би бил и прв пат во канадската историја една покраина, освен Квебек, да го стави прашањето за отцепување на гласање.
Во моментов, само 19% од жителите на Алберта велат дека би гласале за обврзувачки референдум за отцепување, според анкетата на Ipsos од јуни. 72% од жителите на Алберта сакаат да останат во Канада, покажа анкетата.
Канадскиот премиер Марк Карни ги предупреди сепаратистите дека референдумот е „опасен блеф“, а Смит предупреди на сличности со Брегзит.
„Јас од прва рака видов што се случи во Обединетото Кралство. Десет години подоцна, тие сè уште се обидуваат да го поништат она за кое луѓето не мислеа дека гласаат, но на крајот го добија“, рече Карни, осврнувајќи се на гласањето за Брегзит во 2016 година, кога граѓаните одлучија да ја напуштат Европската Унија.
Некои сепаратисти тврдат дека покраината треба да се приклучи на унија со други западни канадски покраини. Некои веруваат дека заканата од отцепување може да се искористи како адут за преговарање со федералната влада во Отава.
Други, сепак, веруваат дека Алберта има повеќе заедничко со Соединетите Американски Држави отколку со Канада.
Сепаратистичките лидери се сретнаа најмалку три пати во изминатата година со актуелни претставници од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, иако Стејт департментот соопшти дека не дал никакви ветувања на фракциите на движењето кои сакаат Алберта да се приклучи на САД.
„Министерството редовно се состанува со претставници на граѓанското општество. Како што е вообичаено на ваквите состаноци, не се преземени никакви обврски“, се вели во соопштението на Стејт департментот, според CityNews Calgary.
Смит го упати прашањето на покраински референдум откако Проектот за просперитет на Алберта собра повеќе од 300.000 потписи на петиција со која се бара гласање за ова прашање.
Сепак, иницијативата подоцна беше блокирана од судија од Алберта, кој пресуди дека групата не се консултирала со домородните народи чија земја ќе биде засегната од евентуалното одвојување од Канада.
Во исто време, друга група од Алберта, наречена Forever Canadian (Засекогаш канадска), собра 400.000 потписи на петиција против отцепување.
Смит, која јасно се обврза Алберта да остане во Канада, рече дека ќе ги прифати резултатите во октомври, но ќе продолжи да се залага за останување во Канада.
„Ќе го прифатам резултатот од овој референдум. Затоа ќе се обидам силно да ги убедам луѓето од Алберта да го прифатат мојот став, а тоа е да останат“, рече Смит.
Алберта се простира на 661.849 км² каде живеат околу 5 милиони жители. Нема доминантна етничка група, а според пописот од 2021 година најбројни се Англичаните со 13,34%, па Германците и Шкотите со по околу 15%, Ирците со 13%, додека Канаѓаните се 11,6%. Домородните народи сочинуваат 4,51% плус 2,76% со мешано домородно и друго потекло. Што се однесува на јазиците, 76% се англофони, додека само 1,8% се франкофони. Главен град е Едмонтон, а најголем е Калгари.
Покраината Алберта е создадена на 1 септември 1905 година кога се одвоила од Северозападните Територии. Канада е поделена на 10 покраини и 3 територии, а главната разлика помеѓу нив е во тоа што покраините имаат своја самобитност, додека териториите ѝ се потчинети непосредно на сојузната влада.