Портпаролот на вооруженото крило на Хамас, Абу Убаида, вчера изјави дека иако групата се залага за привремен прекин на огнот во војната во Газа, доколку таков договор не се постигне во тековните преговори, Хамас повторно би можел да инсистира на целосен и конечен договор за прекин на конфликтот, пренесува Reuters.
Убаида додаде во телевизиско обраќање дека Хамас постојано нудел да ги ослободи сите заложници што ги држи во Газа и да склучи траен прекин на огнот, но Израел одбил.
Арапските посредници, Катар и Египет, поддржани од САД, одржаа повеќе од десет дена разговори за предлогот на САД за 60-дневен прекин на огнот во војната што ја опустоши палестинската енклава.
Во соопштението од канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху беше наведено дека израелските напори за постигнување договор за ослободување на заложниците и 60-дневен прекин на огнот „досега не наидоа на одговор од Хамас“. Како дел од можен договор, 10 заложници од Газа ќе бидат вратени заедно со телата на 18 други, распоредени во текот на 60 дена, а за возврат Израел ќе ослободи голем број палестински затвореници.
„Доколку непријателот остане тврдоглав и ја избегнува оваа рунда преговори како и досега, не можеме да гарантираме враќање кон делумните договори или кон предлогот за 10 заложници“, предупреди Убаида.
Двајца претставници на Хамас, исто така, рекоа дека споровите околу израелските мапи за повлекување, механизмите за доставување помош во Газа и уверувањата дека какво било евентуално примирје ќе ја заврши војната остануваат - разговорите не доведоа до пробив по овие прашања.
Хамас инсистира дека секој договор мора да доведе до крај на војната, додека Нетанјаху инсистира дека војната ќе заврши само кога Хамас ќе биде разоружан и неговите лидери ќе бидат протерани од Газа. Израелската кампања во Газа досега одзеде повеќе од 58.600 палестински животи, според здравствените власти во Газа.
Речиси 1.650 Израелци и странски државјани се убиени во конфликтот, вклучувајќи 1.200 убиени во нападот на Хамас врз Јужен Израел на 7 октомври 2023 година, според израелски бројки.