Хезболах нема да почитува никаков договор што би произлегол од преговорите меѓу Либан и Израел под покровителство на САД, изјави висок функционер на милитантната група. Вафик Сафа, истакнат член на политичкиот совет на Хезболах, изјави дека групата „воопшто не ја интересира исходот од преговорите меѓу Либан и израелскиот непријател“ и дека „она што е договорено нема да нè обврзува“. Либанските претставници се надеваат дека ќе постигнат прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хезболах, пренесува Associated Press.
Од друга страна, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека негова цел е разоружување на Хезболах, како и евентуален мировен договор меѓу Либан и Израел. Неговиот портпарол вчера изјави дека нема да има прекин на огнот со Хезболах.
Војната на Израел со Хезболах, која започна на почетокот на март кога милитантната група испука ракети кон Израел во поддршка на Иран, расели повеќе од еден милион луѓе. Во конфликтот загинаа речиси 2.100 луѓе, вклучувајќи повеќе од 500 жени, деца и медицински персонал.
Сафа рече дека нападите на Хезболах биле превентивни бидејќи раководството на групата верувало дека „Израел се подготвува за нов конфликт со Либан“ со цел уништување на Хезболах. Тој додаде дека е „погоден момент за Хезболах... да воспостави нова равенка“ и да ја врати својата моќ за одвраќање против Израел. Тој, исто така, тврдеше дека немало претходен договор со Техеран дека Хезболах ќе влезе во војната доколку Иран биде нападнат.