
Шпанскиот оператор на електричната мрежа Red Eléctrica објави дека напонот е обновен во одредени трафостаници на север, југ и запад од земјата.
„Продолжуваме да работиме со сите расположиви ресурси за што поскоро да го вратиме снабдувањето со електрична енергија на целата територија“, соопштија од Red Eléctrica.
Но, во посебно ажурирање, шпанската национална железничка компанија Renfe соопшти дека сите возови остануваат во прекин „поради прекин на електричната енергија“.
Во меѓувреме, мадридското метро исто така известува дека сите линии остануваат затворени.
Португалскиот оператор на електричната мрежа REN објави дека прекинот на електричната енергија што ја погоди Португалија е предизвикан од дефект во шпанската електрична мрежа, поврзан со „редок атмосферски феномен“.
Македонка која живее во регионот Мурсија во Шпанија, ексклузивно за Kajgana.com сподели дека граѓаните генерално се смирени по прекинот на снабдувањето со електрична енергија и дека повеќето, особено од станбените згради, почнале веднаш да излегуваат пред зградите, во околните паркови и на улиците во знак на заедништво и споделување на информации.
Таа кажува дека на раскрсниците има распоредено сообраќајна полиција наместо семафорите и дека некои улици во градот Мурсија се затворени за пренасочување на сообраќајот со што би се заштедиле човечките ресурси.
„Поради препораките што ги издадоа властите, има помалку сообраќај во време во кое обично е многу гужва“, вели нашата читателка и додава дека интернет конекциите биле нестабилни и се информирале за случувањата преку радио.

Училиштата во Мурсија работеле без прекин на наставата, а бидејќи во овој период од годината таму е топло и нема потреба од греење, родителите не побрзале да ги повлечат децата од настава. Таа споделува дека според разговор со пријатели кои живеат на Тенерифе, таму исто така немало проблеми предизвикани од прекинот на струјата.
Кризата предизвикана од прекинот на електричната енергија во Шпанија ја принуди владата итно да го свика Советот за национална безбедност. Премиерот Педро Санчес претседаваше со овој вонреден состанок, на кој присуствуваа не само практично целата извршна власт, туку и началникот на Генералштабот за одбрана и директорот на Националниот разузнавачки центар (CNI), објави El Mundo.