Религиозното светилиште во сенка на политиката: Зошто манастирот Света Катерина стана дипломатски проблем и дали е во опасност од затворање?
Во судската одлука се наведува дека манастирот Света Катерина може да продолжи со своите верски активности, но повеќе не е сопственик на земјиштето. Грчките власти ја опишуваат одлуката како таен обид светото место да се стави под државна контрола.
Еден од најстарите христијански манастири во светот, православниот манастир Света Катерина на Синај, се соочува со можна конфискација на неговиот имот по контроверзната одлука на египетскиот суд. Грција реагираше луто, нарекувајќи ја пресудата „обид за национализација на светилиште од непроценливо религиозно и културно значење“, додека монасите стравуваат дека би можеле да станат „гости во сопствениот дом“, пренесува Euractiv.
Во судската одлука се наведува дека манастирот може да продолжи со своите верски активности, но повеќе не е сопственик на земјиштето. Грчките власти ја опишуваат одлуката како таен обид светото место да се стави под државна контрола.
Основан во VI век и признаен од УНЕСКО како место со „извонредна универзална вредност“, манастирот Света Катерина привлекува над 100.000 аџии и туристи годишно. Во него се наоѓаат непроценливи византиски икони, мозаици и една од најважните колекции на ранохристијански ракописи во светот.
За грчката влада и Православната црква, местото не е само историски споменик - туку жива религиозна институција со длабоки културни и духовни врски со Грција. Судбината на манастирот стана политички чувствително прашање во Атина, особено со оглед на уставната важност на православната вера.
Грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, треба да се сретне со својот египетски колега Бадр Абделати во Каиро оваа недела, со цел да се намалат тензиите, а воедно да се разјасни дека грчката сопственост врз манастирот е неповредлива. Грчката загриженост се зголеми поради паралелите со претворањето на истанбулската Света Софија, која исто така е дел од светското наследство на УНЕСКО, од музеј во џамија во 2020 година - потег што предизвика остри осуди во Грција.
St. Catherine Greek Orthodox Monastery, on Mt. Sinai, Egypt. It was founded in the year 565 by Byzantine Emperor Justinian I, with the oldest record of monastic life in the Sinai area dating to 381 to 384. It is one of the oldest monasteries in the world, and THE oldest… pic.twitter.com/1sgcFEVi6a
— Theophan (@uncreated_light) January 3, 2025
Спорот доаѓа во време кога Египет и Грција ја продлабочуваат соработката во источниот Медитеран. Тие потпишаа билатерални поморски договори насочени кон спротивставување на амбициите на Турција во регионот и започнаа заеднички проект за пренос на зелена енергија од Египет во Европа преку Грција.
Исто така, тесно соработуваа на управувањето со миграциските текови од Северна Африка. Нивното партнерство се зајакна откако Турција и Либија потпишаа контроверзна поморска декларација во 2019 година, која Грција и Египет ја отфрлија како нелегална и потпишаа свој договор како одговор во 2020 година. За Герапетритис, мисијата во Каиро е дипломатски деликатна - таа мора да го брани правниот статус на манастирот, а воедно да ги зачува добрите односи со Египет, клучен стратешки сојузник во нестабилниот регион.
Египет планира да го претвори подрачјето околу планината Синај во светски позната туристичка дестинација. Грчки дипломатски извори инсистираат дека Атина нема да прави компромиси околу сопственоста на манастирот. Потсетуваат дека манастирот Света Катерина зачувува непроценливо културно наследство, вклучувајќи ранохристијански мозаици и ретки византиски икони.
На почетокот на мај, претседателот Абдел Фатах ел-Сиси го увери премиерот Кирјакос Мицотакис дека Египет нема да го промени статусот на манастирот - ветување вклучено во заедничката стратешка декларација на двете земји. Сепак, довербата беше поткопана од неуспехот на Египет да ја ратификува декларацијата сè додека не беше донесена судската одлука. Египетското претседателство ја потврди својата посветеност на зачувување на единствениот и свет религиозен статус на манастирот - но, без да спомене сопственост.
Во меѓувреме, грчките опозициски партии вршат притисок врз конзервативната влада да заземе поцврст став, предупредувајќи дека дипломатскиот неуспех би можел да има политички последици дома. Значењето на местото - за кое се верува дека е местото каде што Бог му се појавил на Мојсеј во форма на грмушка што гори - дополнително го зголемува неговото национално и религиозно значење.
Грчкиот европратеник Николас Фарантурис побара замрзнување на 4 милијарди евра од средствата на ЕУ доделени на Египет.
„Ги одобривме овие пари во Европскиот парламент за управување со миграцијата и модернизација на египетските административни услуги, под услов да се почитуваат човековите права и верските заедници“, изјави тој за Euractiv.
Европската комисија потврди дека внимателно ги следи случувањата. Портпарол на ЕУ изјави дека египетските власти неодамна ги увериле европските дипломати дека пресудата не го ограничува пристапот до монасите и дека за прв пат формално го заштитува манастирскиот локалитет.
Според локалните медиуми, кои сериозно ја разбрануваа грчката јавност со објавувањето на оваа вест, сето ова е обид на Египет да ја зајакне државната контрола врз манастирот и да прифати повеќе египетски функционери во рамките на административната управа.
Цариградската патријаршија и Атинската архиепископија го сметаат ова за закана за 15-вековната независност на манастирот, во текот на кои уживал заштита и привилегии и од христијанските и од муслиманските власти. Според традицијата, пророкот Мухамед лично издал документ (чуван во манастирската ризница) со кој се гарантира целосна заштита на ова христијанско светилиште. Патем, овој православен манастир, сместен во подножјето на планината Синај во Египет, припаѓа на Ерусалимската патријаршија, но уживал голем степен на автономија низ историјата.
Грција побара меѓународна поддршка поради кршењето на верските права и реалната опасност за светското културно наследство, бидејќи манастирот е под заштита на УНЕСКО. Египетската страна, пак, смета дека по судската одлука, поканувањето на меѓународната заедница е мешање во внатрешните работи на Египет, бидејќи манастирот е на нивна територија, што тие го толкуваат како право да управуваат со верските објекти што се наоѓаат таму. Особено што, велат тие, манастирот Света Катерина одржува односи со бедуинските заедници кои имаат свои права и обичаи, што во неколку случаи довело до затегнати односи со властите, тие сметаат дека тоа би можело да биде безбедносна закана.
The world’s oldest Christian monastery, St. Catherine’s in Sinai (1,500 years old), is at risk of closure. 🇪🇬 An Egyptian court has ordered its property seized, monks evicted, and the sacred site turned into a museum, despite promises to protect its Greek Orthodox heritage. 🕊️… pic.twitter.com/o2k1HXPMr9
— Greek City Times (@greekcitytimes) May 29, 2025
Контроверзната судска одлука е резултат на повеќегодишен спор околу сопственоста на имотот на манастирот, кој има 71 градина, земјоделско земјиште и угостителски објект, втората најголема колекција на ракописни книги во светот, повеќе од 3.500 дела, најстарите енкаустични икони од првите векови на христијанството и други реликвии, како и земјиште надвор од манастирските ѕидини. Судскиот спор трае од 2012 година и е инициран од тогашен генерал на египетската армија и член на сунитската исламска организација Муслиманско братство, која, додека беше на власт, инсистираше на конфискација на имотот на Света Катерина Синајска.
Со доаѓањето на власт на сегашниот претседател Сиси, кој постојано изјавуваше дека е шокиран од методите на Муслиманското братство, монашката заедница веруваше дека проблемот конечно ќе биде решен, но одлуката за вонсудска спогодба меѓу манастирот и египетските власти беше „отфрлена“ во моментот кога претседателот на Египет требаше да ја ратификува. Судот очигледно го искористи ова како основа за својата пресуда, со што засега ги одложи добрите намери на претседателот Сиси. Некои извори дури велат дека станува збор за манипулација во рамките на државните структури со цел владата да се „скрие“ зад одлуката на судот и, без оглед на дадените ветувања, да не го спроведува вонсудскиот договор во пракса.
За да се намалат тензиите, грчките власти, кои инаку имаат добри односи со Египет, со кој потпишаа билатерален стратешки договор, а сега се обидуваат на дипломатско ниво да го забрзаат потпишувањето на договорот во кој двете страни ја потврдуваат својата посветеност на зачувување на духовното и културното наследство на манастирот, поддршката на монашкиот начин на живот и поклоничкиот карактер на светилиштето.
Спорот околу манастирот на Синај е резултат на сложени историски, религиозни и политички околности веќе неколку векови и не е класичен меѓународен конфликт, туку еден вид тензија помеѓу зачувувањето на религиозната и културната посебност и државната контрола во претежно муслиманска држава во еден од стратешки чувствителните региони на Блискиот Исток, т.е. последица на геополитичките конфликти во регионот на Синај, прашањата за имотот и културното наследство, но и современите безбедносни предизвици.