
Извршниот директор на Tesla и близок советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Илон Маск, рече дека почнувајќи од мај ќе посвети многу помалку време на водењето на Комисијата за владина ефикасност (DOGE), која Трамп ја основа за да ги намали федералните трошоци.
„Веројатно почнувајќи од следниот месец, почнувајќи од мај, времето што ќе го посветам на DOGE ќе биде значително намалено“, рече Маск на конференцијата посветена на резултатите од првиот квартал на Tesla.
Тој додаде дека од мај ќе ѝ посвети многу повеќе време на Tesla, тврдејќи дека „клучната работа“ на комисијата „во голема мера е завршена“.
Tesla вчера објави полоши од очекуваните резултати за првиот квартал, значително под влијание на соработката на Маск со администрацијата на Трамп.
Продажбата на Tesla ширум светот падна нагло од очекуваното во првиот квартал, со само 336.681 испорачани возила во април, што е пад од 13 отсто на годишно ниво.
„Како што е познато, моето време во владата го направи своето“, рече Маск. „Работата што ја работиме таму е навистина многу важна за контролирање на дефицитот што ја влече нашата земја, Соединетите Американски Држави, кон уништување“, тврди тој.
Тој додаде дека DOGE постигнал голем напредок во елиминирањето на неефикасноста и измамите и ги обвини „оние кои ги добиваат тие пари“ дека се причина за одмазда против Tesla и напади врз него и врз луѓето поврзани со него.
Според финансискиот директор Ваибхав Танеја, неоправданото непријателство кон Tesla и нејзините вработени „имало влијание на некои пазари“. И покрај тоа, додаде тој, „успеавме да ги продадеме сите залихи на стари модели на САД, Кина и на неколку други пазари низ светот“.