Новата портпаролка на Белата куќа, Кејти Закарија, се соочи со критики по нејзината прва прес-конференција. Нејзиниот настап предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде што некои корисници го споредија со сатирични скечеви од емисијата Saturday Night Live, додека американските и британските медиуми покренаа прашања во врска со нејзиното искуство и квалификации.
Закарија ја презеде функцијата од Каролин Левит, која се повлече од улогата на портпаролка кон крајот на август по раѓањето на своето второ дете. Местото остана празно 43 дена.
Закарија ја започна својата прва прес-конференција заблагодарувајќи му се на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Длабоко сум почестена што работам за претседателот Трамп. Сакам да му се заблагодарам за довербата што ми ја укажа. Долго време сакав да работам за него“, рече таа.
Нејзиниот настап беше критикуван од Попи Кобурн, новинарка на британскиот весник The Telegraph, која забележа дека новата портпаролка делувала несигурно, премногу се потпирала на подготвени белешки и имала потешкотии со јавното говорење.
Според Кобурн, Закарија поминала повеќе од половина од конференцијата читајќи подготвена изјава пред да одговори на прашањата од новинарите на Breitbart), Fox News и Daily Mail.
Кобурн смета дека ваквиот настап е особено проблематичен во време кога администрацијата на Трамп се подготвува за меѓувремените избори за Конгресот.
The new press secretary Katie Zacharia referred to her husband as the "president" in her first briefing. https://t.co/jPWpnXcFGU
— The Independent (@Independent) October 13, 2026
Критиките набрзо се проширија на платформите на социјалните мрежи.
„Ова изгледа како воведен скеч од SNL. Едвај чита“, напиша еден корисник на платформата X, алудирајќи на емисијата Saturday Night Live, позната по политичката сатира и пародирањето на американските претседатели.
Друг корисник беше уште построг.
„Имам одржано многу говори пред јавноста и сум се појавил стотици пати на телевизија. Понекогаш навистина не сум во најдобро издание. Се случува; одвреме-навреме едноставно целосно потфрлате. Но, откако го видов ова, се чувствувам многу подобро за себе“, напиша тој. „Ова беше спектакуларна катастрофа. Трамп сигурно си го изгубил умот. Всушност, ми беше жал за жената. Таа е целосно неквалификувана и веројатно сосема нестабилна со оглед на нејзиното минато, но ова беше навистина болно за гледање ако ви е грижа за угледот и честа на Соединетите Држави. Од друга страна, ако ги сакате SNL или South Park, ова е вистинско злато“, додаде тој.
Еден корисник напиша дека „покрај Кејти, Каролин Левит изгледа како Винстон Черчил“, додека друг нејзиниот настап го нарече „целосна катастрофа“.
Incredible first day for new White House press secretary Katie Zacharia https://t.co/aLoeOYVrux
— The Daily Show (@TheDailyShow) October 13, 2026
И покрај критиките, директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Чунг, го пофали настапот на Кејти, опишувајќи го како „извонреден“.
Во својот коментар, Попи Кобурн ја доведе во прашање таа оценка, тврдејќи дека новата портпаролка не ги покажала комуникациските вештини неопходни за една од најистакнатите улоги во американската администрација. Конкретно ја спореди со нејзината претходничка, Каролин Левит, која ја смета за значително поубедлива и подобро подготвена за тешките прес-конференции.
Покрај нејзиното појавување пред медиумите, се појавија и прашања за одредени нејаснотии околу правните квалификации на Закарија.
Според The Hill, за време на претходен разговор со новинарите на тревникот пред Белата куќа, таа била прашана во која американска сојузна држава го положила правосудниот испит.
„Кога се преселив во Кина“, одговорила Закарија, без да наведе конкретна држава.
Подоцна, претставник на Белата куќа објаснил дека, по завршувањето на правниот факултет, таа се преселила во Кина со својот сопруг – кој таму работел за американска фирма за приватен капитал – и се занимавала со право од областа на меѓународните трансакции.
Сепак, според The Hill, останало нејасно дали и каде таа го положила правосудниот испит.
Кога била дополнително прашана од NewsNation, Закарија изјавила дека се занимавала со право од областа на меѓународните трансакции „со сите потребни квалификации“.
Стивен Чунг не одговорил на прашањето каде таа го положила испитот; наместо тоа, ја опишал како „брилијантно и одлично засилување за тимот“.
Според нејзиниот профил на LinkedIn, Закарија се стекнала со диплома по право на Универзитетот „Пепердин“ и работела како правен соработник во адвокатската канцеларија Zhong Lun во Пекинг, во периодот од август 2011 до јуни 2013 година.
South China Morning Post известува дека, за време на престојот во Кина, таа работела и за непрофитна организација посветена на заштита на децата. Пред да биде назначена за портпаролка на Белата куќа, таа била конзервативен телевизиски коментатор за Newsmax и Fox News, а кратко време работела и во Министерството за внатрешна безбедност на САД.
Иако нејзиниот прв брифинг имаше за цел да ја претстави новата портпаролка и да овозможи пренесување на пораките на администрацијата на Трамп, нејзиниот настап, реакциите на социјалните мрежи и прашањата за нејзините професионални квалификации доминираа во медиумското известување.