Најновите сателитски снимки објавени од Google Maps го открија целосниот обем на уништувањето за време на тригодишната војна во Појасот Газа, како и катастрофалните размери на тековната хуманитарна криза со која се соочуваат 2,3-те милиони жители на оваа територија.
Снимките направени во јуни го прикажуваат континуираното уништување на станбени згради, деловни објекти, верски локалитети и витална инфраструктура, и покрај кревкиот прекин на огнот што стапи на сила пред речиси една година.
Сателитските снимки откриваат огромни шаторски кампови кои се протегаат долж голем дел од крајбрежјето, честопати на само неколку метри од морето. Некогаш прометното главно пристаниште на Газа сега е тешко оштетено и целосно испразнето од рибарски чамци, а наместо тоа е опкружено со импровизирани засолништа.
Секој слободен простор во градот Газа е преполн со импровизирани живеалишта, шатори и колиби.
Фотографиите сведочат за огромните штети наннесени на градовите на северот, како што се Беит Лахија и Беит Ханун, како и за уништувањето на значајни верски објекти, вклучително и џамијата „Истиклал“ во Кан Јунис. Големи населби во градот Газа, како Џабалија и Шуџаија – кои беа цел на повеќекратни офанзиви – сега се целосно непогодни за живеење.
Во јужниот дел на Појасот Газа се видливи огромни купишта урнатини, таму каде што израелските сили расчистија широк појас долж границата со Египет. Според достапните снимки, градот Рафа и населбата Тел ал-Султан се речиси целосно срамнети со земја.
Според податоците на агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA), повеќе од 2,1 милион раселени лица живеат во шатори и привремени засолништа. Околу 82% од објектите низ Газа – приближно 200.000 згради – се оштетени, додека околу две третини се целосно уништени.
Проценката на ОН покажува дека бројот на уништени објекти се зголемил за 9% дури и по прогласувањето на прекин на огнот во октомври 2025 година.