Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет во средата го најави формирањето на Канцеларија за верски прашања при Пентагон, како дел од новите реформи поврзани со верата.
Во својот говор, Хегсет изјави дека канцеларијата ќе помогне во обезбедувањето „првокласна верска поддршка“ и дека ќе поднесува извештаи директно до него. Според соопштението на Пентагон, новата Канцеларија за верски прашања (ORA) ќе ги претставува воените капелани и верската поддршка „на највисоко ниво во рамките на Министерството“.
Од Пентагон тврдат дека канцеларијата нема да „принудува на учество во верски активности, да фаворизира една вера, ниту да ги намалува правата на персоналот од која било вера или на оние без верска припадност“. Сепак, Хегсет воведе елементи на своето евангелистичко христијанство во раководството на Пентагон, вклучително и христијански верски служби за вработените и чести изјави во кои Соединетите Држави се опишуваат како христијанска нација.
Иницијативата брзо наиде на критики. Рејчел Ласер, раководителка на организацијата Americans United for Separation of Church („Американци обединети за одвојување на црквата од државата“) – која претходно го тужеше Пентагон поради верските служби – изјави дека Пентагон „има обврска кон припадниците на војската да ги брани верските слободи“. Таа додаде: „Најновата најава на Хегсет го прекршува тоа ветување преку доделување уште поголема улога на христијанството во обликувањето на воената политика на САД“.
Други федерални агенции претходно имале слични канцеларии за верски прашања, формирани за време на претседателствувањето на Џорџ В. Буш и задржани во различни форми за време на администрациите на Барак Обама и Џо Бајден. Доналд Трамп формираше Канцеларија за иницијативи засновани на верата во Белата куќа и направи сличен обид за време на својот прв мандат.
Сè уште не е назначен раководител на новата канцеларија. Во меморандум на Пентагон се наведува дека директорот за верски прашања ќе ги координира духовните ресурси – вклучително и „верската поддршка за школување дома за семејствата на воените лица“ – како и иницијативите насочени кон намалување на стапката на самоубиства во рамките на Министерството.
Хегсет претходно се залагаше за промени во корпусот на воени капелани, кои обезбедуваат духовна грижа за припадниците на војската. Тој нареди капеланите, како офицери, повеќе да не носат ознаки за чин на своите униформи, туку да се препознаваат преку верски ознаки, додека Министерството за одбрана го намали бројот на официјално признати верски заедници од над 200 на 31.