Четири лица се уапсени откако португалските власти пресретнаа подморница за дрога која превезуваше повеќе од 1,7 тони кокаин среде Атлантскиот Океан. Полуподморницата се движела кон Иберискиот Полуостров и беше запленета во изминатите денови, потврдија официјални лица.
Објавени се и снимки на кои се гледа како полицијата и морнарицата го опкружуваат пловилото пред да се качат на него, да ја запленат дрогата и да го апсат четиричлениот екипаж, за кои се вели дека се од Јужна Америка. Центарот за поморска анализа и операции (MAOC) со седиште во Лисабон доби информации дека криминална организација се подготвува да испрати подморница полна со кокаин во Европа.
Неколку дена подоцна, португалски брод успешно ја лоцираше подморницата на приближно 1.000 наутички милји (1.852 км) од брегот на Лисабон, во операција поддржана од Националната агенција за криминал на Велика Британија и Администрацијата за борба против дрога на САД.
Осомничените - двајца Еквадорци, еден Венецуелец и еден Колумбиец - беа притворени откако беа изведени пред суд на Азорските Острови. Витор Ананијас, началник на португалската полициска единица за борба против дрога, рече дека нивните различни националности покажуваат дека организацијата што стои зад нив не е базирана само во една земја.
🚨Tal como lo advertí
— YO SOY 🇻🇪🇺🇸✈️ (@ElGanadorHenry) November 4, 2025
🇻🇪Ahora el cartel de los soles dirige toda su carga hacia europa
🇵🇹Portugal intercepta narcosubmarino con 1,7 toneladas de cocaína y detiene a cuatro tipulantes venezolanos
pic.twitter.com/MeWkAvbMef
По заплената, морнарицата соопшти дека бродот не може да се одвлече назад до брегот поради лошото време и неговата кревка структура, а подоцна потонал на отворено море.
Витор Ананијас, исто така, им ги опиша тешките услови на ваквите бродови на новинарите: „Помеѓу топлината, испарувањата од бродот и високите бранови, со тешките временски услови, дури и еден ден е тежок за четири мажи на бродот. По 15 или 20 дена, сè што сакате да направите е да излезете“. Тој додаде дека ваквите инциденти се „повторувачка ситуација во последните години“, објави новинската агенција Луса. Во март оваа година, сличен брод што превезувал 6,5 тони кокаин бил запленет на околу 1.200 наутички милји од Лисабон.
Заплената доаѓа и во време кога администрацијата на Трамп ги засилува нападите врз бродови за кои вели дека се користат за шверц на дрога во САД. Минатата недела, тројца мажи беа убиени во американски напад врз наводен брод за дрога во Карибите. Експертите ја доведуваат во прашање легалноста на ваквите рации според меѓународното право, а тие исто така предизвикаа силни критики од латиноамериканските лидери чии граѓани беа цел на напади.