„Протече“ документ: Путин најде нов сојузник во ЕУ, се подготвува средба во Москва

По повлекувањето на Виктор Орбан [од центарот на вниманието како главен сојузник], словачкиот премиер Роберт Фицо се појави како најистакнат сојузник на Владимир Путин во рамките на Европската Унија.

Словачка го оживува долго време замрениот форум за соработка со Москва. Според документ на руската влада во кој увид имаше Politico, дневниот ред за првата ваква средба по пет години ќе опфаќа прашања поврзани со испораките на руска нафта и гас, нуклеарно гориво, како и статусот на руските спортисти.

Во документот, составен од рускиот министер за наука и високо образование Валериј Фалков, се наведува дека словачкиот министер за надворешни работи Јурај Бланар, за време на видео-повик на 20 август, се согласил да се одржи состанок на Руско-словачката меѓувладина комисија во Москва.

Словачкиот премиер Роберт Фицо во средата изјави дека средбата е закажана за 25 ноември. Во рускиот документ, кој е со датум од 10 септември, првично како датуми за средбата биле наведени 26 и 27 октомври.

Меѓувладината комисија – која се фокусира на економска, научна и техничка соработка – беше неактивна од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Последната средба, односно 21-вата седница на комисијата, се одржа на 12 ноември 2021 година во Братислава.

Москва повторно ги зајакнува меѓународните врски

Средбата се подготвува во момент кога Москва наоѓа нови можности за зајакнување на својата позиција на меѓународната сцена.

САД го поканија Владимир Путин на самитот на Г20, закажан за декември во Мајами, додека Меѓународниот олимписки комитет привремено ја укина суспензијата на Рускиот олимписки комитет и ги повика спортските организации да ги олеснат ограничувањата за руските спортисти. На прашањето за наводната агенда на состанокот на меѓувладината комисија, Министерството за надворешни работи на Словачка го упати Politico кон јавните изјави на Бланар дадени по разговорите одржани на 20 август.

„Ние водиме политика отворена кон сите страни и одржуваме дијалог со сите држави заинтересирани за прагматична соработка со нас, во корист на националните интереси на Словачка Република“, изјави тогаш Бланар.

Руското Министерство за надворешни работи не одговори на барањето за коментар.

Обновените напори за подобрување на словачко-руските односи доаѓаат по посетата на Фицо на Москва на 9 мај, кога тој се сретна со рускиот претседател Владимир Путин за време на одбележувањето на Денот на победата.

Ова приближување, исто така, следи по поразот на Виктор Орбан на изборите во Унгарија во април, со што Путин загуби еден од своите најблиски партнери во Европа и беше принуден да бара други сојузници во рамките на Европската унија. Неколку месеци пред да ги загуби изборите од Петер Маѓар, Орбан ја реактивираше Руско-унгарската меѓувладина комисија за економска соработка, чија работа беше суспендирана неколку години по инвазијата во 2022 година.

Владата на Маѓар не потврди за Politico дали следната година ќе се одржи состанок на комисијата.

Лидерите на Европската Унија, вклучително и Фицо, во четврток ќе се соберат во Брисел на дводневен самит посветен на прашања како што се цените на енергенсите и поддршката за Украина. Се очекува украинскиот претседател Володимир Зеленски да се приклучи на дискусиите во петок.

Увоз на нафта и културна соработка

За време на видеоповик во август, Бланар го изрази противењето на Словачка кон планот на Европската Унија за постепено укинување на увозот на руски гас и побара прашањето за снабдувањето да се разгледа на состанок во Москва.

Оваа информација потекнува од документ чија автентичност Politico не можеше независно да ја потврди, но кој ги носи обележјата на веродостоен документ од некое руско министерство.

Според истиот документ, словачките претставници ја истакнале важноста од продолжување на испораките на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“ и го поздравиле редовното снабдување со нуклеарно гориво за словачките електрани.

Словачка останува силно зависна од руска нафта и гас, а Фицо тврди дека прекинот на увозот би довел до зголемени трошоци.

Кога двајцата лидери се сретнаа во Москва на 9 мај, Путин изјави дека Русија ќе стори сè што е можно за да ги задоволи енергетските потреби на Словачка.

Според документот, дневниот ред за состанокот закажан за следниот месец опфаќа многу повеќе од само енергетика.

Двете страни планираат да разгледаат формирање работни групи за култура, туризам, земјоделство и заштита на животната средина, како и да разговараат за статусот на Рускиот центар за наука и култура во Братислава.

Во документот, Фалков исто така го спомнува противењето на Бланар кон она што се опишува како „дискриминација на руските спортисти“ на меѓународните натпреварувања, додавајќи дека за ова прашање ќе се разговара и на состанокот на Меѓувладината комисија. 

Дали руските спортисти се враќаат на меѓународните натпреварувања?

Во јули, Меѓународниот олимписки комитет ја укина суспензијата на Рускиот олимписки комитет и објави дека неговите претходни препораки во врска со ограничувањата за учество на руските спортисти повеќе не се во сила.

Во август, Светската федерација во стреличарство ги укина ограничувањата за руските спортисти и официјални лица.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, исто така повика Русија повторно да добие можност за учество во меѓународниот фудбал.

Овој пристап е одраз на неодамнешните напори на Москва за зајакнување на врските со Унгарија на Орбан.

Во декември, Будимпешта и Москва се договорија за план од 12 точки за проширување на соработката во области како што се енергетиката, трговијата и културата.

Планот беше потпишан по разговорите во Москва во декември, од страна на тогашниот унгарски министер за надворешни работи, Петер Сијарто, и рускиот министер за здравство, Михаил Мурашко. Документ за соработка со Словачка укажува на слично широки амбиции.

Путин ја користи енергетиката за да го зајакне своето влијание во ЕУ

Потезите на Кремљ кон Фицо покажуваат како Москва може да ги искористи енергетските врски за да создаде раздор помеѓу поединечни земји-членки на Европската унија и заедничкиот став на блокот во однос на Украина.

Минатиот викенд, Путин упати слична понуда и до Вашингтон.

По разговорите со рускиот претседател, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Русија ќе испорачува дизел за пазарот во САД и за глобалниот пазар, со цел да помогне во намалувањето на цените на горивата. Ваквиот договор би ѝ обезбедил приходи на Москва, а истовремено би ги ослабел напорите за одржување на единствен став кон Кремљ.

Сепак, се поставува прашањето дали Путин може да го исполни ветувањето што му го дал на Трамп.

Во последните недели, Украина ги зачести нападите со беспилотни летала врз руските рафинерии, настојувајќи да го попречи снабдувањето со гориво и да ги намали приходите што Москва ги користи за финансирање на војната.

Киев овој месец објави дека овие напади онеспособиле 51 отсто од капацитетите за преработка на нафта во Русија.

реклама

„Студентска листа“ бара нов договор со Русија, Москва веднаш одговори

Read more

Време на зимници: Како да направите домашен сок од јаболка?

Read more

Кос: Добив јасни сигнали дека нема смисла да барам средба со Јанша

Read more

Брз и вкусен ручек за по работа: Печена брокула со кашкавал и павлака

Read more

Свет

Нови закани за бомби во Европа: Еден авион пренасочен, друг слета во Лисабон

Read more

Германија ги зголеми казните за употреба на дроги за силување

Read more

Даночните оази „цицаат“ 59,3 милијарди евра годишно од ЕУ

Read more

Како Ким направи елитна група хакери кои крадат милијарди?

Read more

Вести

Граѓански протест против фемицидите в недела во паркот „Жена-борец“

Читај повеќе

Нови закани за бомби во Европа: Еден авион пренасочен, друг слета во Лисабон

Читај повеќе

„Студентска листа“ бара нов договор со Русија, Москва веднаш одговори

Читај повеќе

Германија ги зголеми казните за употреба на дроги за силување

Читај повеќе

ЗХГ: Град Скопје со плагијат од 73 илјади евра ќе го „решава“ загадувањето

Читај повеќе

Мицкоски уверува дека „Алта банка“ не е како „ТАТ“ и „Еуростандард“: Бараме купец

Читај повеќе

Даночните оази „цицаат“ 59,3 милијарди евра годишно од ЕУ

Читај повеќе

Уапсени осум полицајци за смртта на Далибор Драгијевиќ, брат на обвинет за убиството на Данка Илиќ

Читај повеќе

Скопјанец приведен за сексуална уцена и изнуда

Читај повеќе