Рускиот претседател Владимир Путин е на дводневна посета на Индија. Даде големо интервју за медиумот India Today.
На почетокот порача дека е одушевен што се среќава „со својот пријател“, индискиот премиер Нарендра Моди. Спомна дека постојат „бројни теми“ за кои тие двајца мора да разговараат.
Соединетите Американски Држави го зајакнуваат притисокот врз Индија поради куповната на руска нафта. Во одговор на прашањето за енергетиката, Путин нагласи: „Инструментот на нашата енергетска соработка со Индија останува непроменет во моменталните услови, преминливите политички промени или дури и трагичните настани во Украина.“
Што се однесува до царините кои Американците ги воведоа за руските нафтени компании, Путин рече дека оние кои се обидуваат да ги „попречат економските врски со трети земји на крајот наидуваат на тешкотии и претрпуваат загуби“. „Убеден сум дека, кога оваа перспектива цврсто ќе се воспостави, таквите тактики на надворешен притисок ќе исчезнат“, додаде тој.
Коментираше и за Доналд Трамп. Рече дека американскиот претседател „има свој сопствен план, свои цели“. Прашан за царинската војна на Трамп, Путин одговори: „Неговите одлуки не дојдоа од никаде. Има советници кои веруваат дека спроведувањето на ваква царинска политика на крајот ќе ѝ користи на американската економија.“
Прашан како би го карактеризирал Трамп, Путин рече: „Никогаш не давам проценки за карактерот на своите колеги. Ти проценки треба да ги дадат граѓаните кои гласаат за својот водач за време на изборите.“
Се наврати и на својата средба со американскиот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џеред Кушнер. Спомна дека разговорот траел пет часа. Мировните преговори ги опиша како „сложена задача“ и „мисија исполнета со предизвици“.
Тврди дека постојат многу области во кои обновувањето на односите меѓу Русија и САД би им користело на двете страни. „Ви покажав за некои писма... што ни ги испратија големи американски компании. Чекаат сите проблеми да се решат и спремни се да ни се вратат. Молат да не ги заборавиме. Писмата постојат“, рече тој.
Додаде дека тие компании изразиле „јасна желба“ за продолжување на соработката и дека чекаат „соодветен политички сигнал“.
На прашањето што би претставувало победа на Русија во војната, Путин одговори: „Не станува збор за победа, како што рековте... Русија е решителна и сигурно ќе го направи тоа за да ги заштити своите интереси, да ги заштити своите луѓе кои таму живеат, да ги заштити нашите традиционални вредности.“
„Ние не сме тие кои ја започнаа оваа војна. Западот ја поттикнуваше Украина и поддржуваше настани, оркестрирајќи државен удар. Тоа беше точката која ги покрена настаните на Крим, а потоа и настаните на југоистокот на Украина, во Донбас“, предупреди тој.
„Нашата специјална воена операција не е почеток на војна, туку обид за завршување на војната која Западот ја запали користејќи ги украинските националисти. Тоа всушност се случува токму сега. Тоа е сржта на проблемот. Ќе го завршиме тоа кога ќе ги оствариме целите поставени на почетокот на специјалната воена операција, кога ќе ги ослободиме тие територии. Тоа е сè“, истакна тој.
Зборуваше и за украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Кога овој господин дојде на власт, изјави дека ќе тежнее кон мир по секоја цена, користејќи ги сите можни средства, а притоа не штедејќи ја ни својата кариера“, изјави Путин.
„Но сега работите ги гледаме поинаку. Следи истиот образец како и неговите претходници, ставајќи ги интересите на тесна националистичка група, особено радикалните националисти, пред интересите на народот. Во суштина, тој се занимава со нивните грижи, а не со грижите на нацијата“, продолжи тој.
Ја повтори својата вообичаена реторика, велејќи дека начинот на размислување на украинскиот режим „навистина личи на неонацистички режим“. Нагласи дека Киев „нема постигнато многу успех“. „Веќе претходно реков дека за нив најважно е да сфатат дека најдобриот начин за решавање на проблемите се мировни преговори“, додаде тој.