Рускиот претседател, Владимир Путин, упати остро предупредување до Соединетите Американски Држави, најавувајќи дека Русија силно ќе одговори во случај на напад со американски ракети Tomahawk на нејзина територија, објавија руските државни медиуми.
„Ако таквото оружје се користи за удар врз руска територија, одговорот ќе биде многу силен. Да не кажам – зачудувачки. Нека размислат за тоа“, рече Путин.
Тој ги нарече разговорите за можноста за испорака на вакви ракети во Киев обид за ескалација на конфликтот.
Рускиот претседател ги опиша новите американски санкции против Москва како непријателски чин што не ги зајакнува руско-американските односи. Како што оцени, новите санкции нема да имаат значително влијание врз економската благосостојба на земјата.
Исто така, рече дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за влијанието на ситуацијата со руската нафта врз цените низ целиот свет, вклучително и во САД.
„Ова ќе доведе до нагло зголемување на цените на нафтата и нафтените производи, вклучително и на бензинските пумпи. И САД не се исклучок. И со оглед на внатрешниот политички календар на САД, јасно е колку чувствителни ќе бидат некои процеси во овој поглед. И оние што наметнуваат такви одлуки на сегашната администрација мора да разберат за кого работат“, рече Путин.
Во средата САД објавија дека воведуваат нов пакет санкции против Русија, кој вклучува мерки против најголемите нафтени компании Роснефть и Лукойл и нивните подружници.