Русија планира до 2035 година да изгради седум нови казнено-поправни установи, кои ќе комбинираат центри за притвор и поправни колонии со различно ниво на безбедност. Еден од овие комплекси е планиран за привремено окупираната територија на регионот Херсон во Украина, пренесува Pravda.
Во официјален документ, цитиран од независниот медиум The Moscow Times, се наведува дека вкупниот капацитет на новите објекти ќе надмине 20.000 места. Од нив, 5.380 места се наменети за центри за притвор, а 15.120 за поправни колонии. Покрај окупираниот дел од регионот Херсон, затвори со мешан режим ќе се градат и во регионите Калуга, Астрахан и Тјумен, како и во Република Бурјатија и Забајкалскиот крај. Отворањето на првиот таков објект е планирано во Татарстан до 2030 година.
Според проценките на руското Министерство за правда, функционирањето на затворите од мешан тип ќе ги „намали трошоците за сместување на затворениците и осомничените за 25 до 30 отсто“.
Рускиот министер за правда, Константин Чујченко, претходно најави дека новите „суперзатвори“ ќе користат најсовремени организациски и инженерски решенија – вклучително и информатички технологии – и ќе обезбедат висококвалитетни услови за работа на персоналот.
Во меѓувреме, Аркадиј Гостев, шефот на Федералната служба за извршување на казните, истакна дека во Русија не е изградена нова поправна колонија уште од 1984 година. Оваа најава доаѓа во време кога руските власти активно регрутираат затвореници за војната во Украина, вклучително и оние осудени за тешки кривични дела.
Истовремено, украинските воени заробеници се држат во нехумани услови, што претставува кршење на меѓународното хуманитарно право. Според достапните информации, затворениците се изложени на тортура и им се ускратува неопходната медицинска нега.