Саудиска Арабија, Турција и Пакистан денеска во западниот саудиски град Џеда треба да потпишат клучен договор за одбрана. Средбата меѓу саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф ќе го формализира договорот, кој има за цел да ја зајакне регионалната безбедност по ескалацијата на тензиите меѓу САД и Иран, објави Euronews.
Извори блиски до саудиската војска и влада потврдија за France-Presse дека договорот е склучен како одговор на ширењето на конфликтот и воените тензии во регионот. Главниот поттик е војната меѓу САД и Иран, која ги погоди и земјите од Заливот и го наруши превозот во Ормускиот Проток и Црвеното Море.
„Договорот се дискутира долго време, но неодамнешните настани во регионот го забрзаа целиот процес“, рече еден од изворите, кој побара да не биде именуван. Друг извор близок до саудиската влада, исто така, потврди дека договорот ќе биде потпишан денес.
Пакистанскиот премиер Шариф и началникот на пакистанската армија Асим Мунир пристигнаа во Саудиска Арабија вчера, а нивната посета трае до утре. Според информациите од кабинетот на турскиот претседател, пристигнувањето на Ердоган се очекува денеска во текот на денот.
Министерството за надворешни работи на Пакистан објави дека посетата ќе се одржи од 6 до 8 август. „Иако се одвива во контекст на зголемени тензии во Заливот, оваа посета има значење што оди подалеку од моменталната криза и краткорочните размислувања“, изјави вчера портпаролот на министерството, Тахир Андраби.
За потенцијалниот стратешки сојуз на овие три земји се шпекулира со месеци. Пакистан се обидува да посредува во напорите за завршување на војната меѓу САД и Иран, додека Турција презеде дипломатска улога во преговорите за решавање на војната во Газа.