Сепаратистичката Parti Québécois (Партија на Квебек) победи на покраинските избори во канадската покраина Квебек, но не обезбеди доволно пратенички места за самостојно да формира влада.
Parti Québécois се враќа на власт по повеќе од една деценија, ветувајќи дека повторно ќе го актуелизира прашањето за независност на Квебек од Канада.
Додека се броеја последните гласови, Parti Québécois беше на пат да освои речиси 60 пратенички места – што е помалку од 64-те потребни за мнозинство во Националното собрание на Квебек, кое брои 127 пратеници.
Влада во малцинство значи дека Parti Québécois ќе мора да бара поддршка од опозициските пратеници за клучните законски решенија и за гласањата за доверба.
Лидерот на партијата, Сен-Пјер Пламондон, призна дека гласачите не ѝ дале мнозинство на неговата партија.
„Народот на Квебек ја избра Parti Québécois, но истовремено побара од неа да соработува со другите партии, и јас ја разбрав таа порака“, рече тој.
Најави планови за нов референдум за независност, иако претходно изјави дека ќе почека додека американскиот претседател Доналд Трамп не ја напушти функцијата. Ја претстави независноста како клучна за зачувување на франкофонскиот идентитет на Квебек, опишувајќи ја како „прашање на опстанок“ за населението што претставува мал дел од Северна Америка.
Лидерката на партијата Coalition Avenir Québec (CAQ - Коалиција за иднината на Квебек), Кристин Фрешет, го призна поразот и изјави дека ја презема целосната одговорност за слабиот резултат. Партијата CAQ, која пред изборите имаше 79 пратенички места, беше во опасност да ги загуби сите места во покраинскиот парламент.
Канадскиот премиер Марк Карни му честиташе на Сен-Пјер Пламондон и изјави дека Отава ќе соработува со новата сепаратистичка влада. Резултатот во Квебек доаѓа две недели пред гласањето во Алберта, закажано за 19 октомври, за тоа дали да се одржи референдум за отцепување од Канада.