Шпанија би можела да ја доведе во прашање својата поддршка за идното проширување на Европската Унија доколку каталонскиот, баскискиот и галисискиот јазик не добијат статус на официјални јазици на ЕУ.
Мадрид повторно го покрена прашањето за јазичните права и нивното признавање на европско ниво. Како што објави Euractiv, државниот секретар на Шпанија за Европската Унија, Фернандо Сампедро, објави дека Шпанија ќе продолжи со дипломатските напори за да им се даде официјален статус на овие три јазици во институциите на ЕУ.
Сампедро рече дека со проширувањето на Унијата, бројот на нејзините официјални јазици сигурно ќе се зголеми, но дека Мадрид очекува претходно да се постигне договор што би ги исполнил очекувањата на, како што рече, околу 20 милиони европски граѓани.
Тој нагласи дека Шпанија е еден од најголемите застапници на проширувањето на ЕУ, но потсети дека неговата земја е членка на Унијата четири децении и дека каталонскиот, баскискиот и галисискиот јазик веќе се признати како официјални јазици на национално ниво.
Мадрид планира официјално да го презентира своето барање на следниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ, закажан за 22 септември. Според Сампедро, Шпанија веќе разговара за ова прашање со другите земји-членки на различни нивоа.
На прашањето дали Шпанија може да ја услови поддршката за прием на нови членки, вклучително и земјите од Западен Балкан, со поддршка на нејзиното барање во врска со каталонскиот, баскискиот и галисискиот јазик, Сампедро директно не ја исклучи таквата можност.
„Убеден сум дека ќе го решиме тоа долго пред тоа“, рече тој.
Шпанија веќе се обиде да протурка сличен предлог во Брисел во јули 2025 година, но иницијативата не ја доби потребната поддршка во тоа време.
Барањето на Мадрид е поврзано и со внатрешнополитичката ситуација во Шпанија. Иницијативата беше дел од поширок политички договор што премиерот Педро Санчес го постигна со партијата Junts per Catalunya (JxCat - Жунс пер Каталуња/Заедно за Каталонија), како и други регионални баскиски и галисиски партии, за да обезбеди поддршка за неговиот реизбор за премиер во 2023 година.
Сепак, односите на владата на Санчес со некои регионални партии оттогаш се влошија. JxCat ја прекина соработката со владејачките социјалисти минатата година, наведувајќи го неисполнувањето на договорените ветувања. Други партии кои ја поддржуваа владата, како што е Euzko Alderdi Jeltzalea (EAJ - Еуско алдерди јелтсалеа/Баскиска националистичка партија), со текот на времето исто така се дистанцираа поради корупциски скандали.
Според Euractiv, Санчес сè уште во голема мера се потпира на поддршката од регионалните политички партии за да го одржи своето парламентарно мнозинство. Затоа веќе некое време се обидува да обезбеди посилно признавање на каталонскиот, баскискиот и галисискиот јазик на ниво на Европската Унија.
Сепак, промената на статусот на овие јазици не е лесна. За нивно прогласување за официјални јазици на ЕУ е потребна едногласна одлука од сите земји-членки. Таков договор сè уште не постои, а меѓу земјите што се противат на овој предлог се Германија, Финска и Италија.
Признавањето на овие три јазици може да предизвика домино ефект. Во Италија таков статус би можеле да побараат говорителите на сардиниски, окситански и фриулиски, во Германија лужички, саксонски и фризиски, а во Финска Лапонците и нивниот лапонски јазик.