Нова глобална студија покажа дека некои од најголемите аеродроми во светот испуштаат милиони тони CO₂ и значително придонесуваат за климатските промени, а три европски центри се меѓу десетте најголеми загадувачи.
Ново истражување покажа кои аеродроми во светот имаат најголемо влијание врз климатските промени и квалитетот на воздухот, а меѓу десетте најголеми загадувачи има дури три европски аеродроми, и покрај ветувањата за постигнување нулта емисија до 2050 година.
Студијата е спроведена од истражувачкиот центар ODI Global и организацијата Transport & Environment, анализирајќи ги податоците за емисиите од околу 1.300 аеродроми ширум светот за 2023 година.
Според резултатите од истражувањата, воздухопловната индустрија би била петтиот најголем загадувач во светот доколку би била посебна земја.
На врвот на листата е Меѓународниот аеродром во Дубаи, кој произвел дури 23,2 милиони тони јаглерод диоксид.
Веднаш зад него е лондонски „Хитроу“ со 21 милион тони емисии, додека Меѓународниот аеродром во Лос Анџелес е трет со 18,8 милиони тони CO₂.
Само овие три аеродроми заедно испуштаат трипати повеќе јаглерод диоксид од целиот град Париз, без емисиите од воздушниот сообраќај.
На листата на најголеми загадувачи се наоѓаат и меѓународниот аеродром „Инчон“ во Јужна Кореја, аеродромот „Џон Ф. Кенеди“ во Њујорк, Меѓународниот аеродром во Хонгконг, аеродромот „Шарл де Гол“ во Париз и аеродромот во Франкфурт.
Истражувањето, исто така, покажува дека само 100 аеродроми произведуваат речиси две третини од вкупните емисии на CO₂ од патничкиот воздушен сообраќај на глобално ниво.
Европските аеродроми испуштаат повеќе штетни гасови од сите аеродроми во Латинска Америка, Блискиот Исток и Африка заедно.
Организацијата T&E предупредува дека воздухопловната индустрија сериозно заостанува во остварувањето на своите цели за намалување на емисиите на штетни гасови.
„Проширувањето на аеродромите и зголемувањето на капацитетот дополнително ја продлабочуваат зависноста на авијацијата од фосилни горива“, предупреди Дениз Оклер, претставничка на организацијата.
Истражувачите истакнуваат дека иако многу индустрии постепено ги намалуваат емисиите од Парискиот климатски договор во 2015 година, воздушниот сообраќај бележи постојан пораст на загадувањето.
Лондонскиот аеродром „Хитроу“ вели дека има јасен план за постигнување „нето нулти емисии“, тврдејќи дека секое идно проширување ќе мора да биде во согласност со британските закони за заштита на климата, квалитетот на воздухот и бучавата.