Владата на САД одлучи да го скрати престојот на странски студенти и новинари во Соединетите Американски Држави, според владин документ објавен во четвртокот. Ова е нов чекор во исклучително рестриктивната имиграциска политика на сегашните власти.
Според новите правила, кои треба да стапат во сила во рок од два месеца доколку бидат одобрени од Конгресот, на странските граѓани кои имаат студентски визи нема да им биде дозволено да останат на американска почва повеќе од 4 години.
Престојот на странските новинари би се скратил на максимум 240 дена, или околу 8 месеци, со можност за аплицирање за продолжување за периоди со исто времетраење.
Кинеските новинари ќе бидат предмет на особено рестриктивна рамка, па нивните визи ќе бидат ограничени на само 90 дена.
САД досега издаваа визи за студенти за време на траењето на нивните студии, а за новинари до 5 години, пишува France Presse.
Новата мерка, предложена од владата минатата година, ќе влијае на новинарите акредитирани во стотици странски медиуми во САД.
Бројни меѓународни медиуми предупредија во отворено писмо дека одлуката ќе „го намали обемот и квалитетот на известувањето“ за актуелните настани во САД.