Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот им раскажувал на своите поддржувачи за наводниот обид еден од океаните да го добие неговото име, откривајќи дека Google ја одбил неговата идеја.
Говорејќи на предизборен митинг во сојузната држава Џорџија, Трамп рекол дека на претставниците на интернет-гигантот им предложил Атлантскиот или Тихиот Океан да биде преименуван во Трампов Океан.
Според неговото раскажување, претставниците на компанијата реагирале остро.
„Доста ни е. Ова е премногу. Повеќе нема ништо да менуваме“, наводно му одговориле тие.
Трамп и претходно преземаше иницијативи за промена на географски имиња. Во 2025 година, со извршна наредба, Мексиканскиот Залив го преименуваше во Американски Залив, а во август годинава истото го направи и со езерото Онтарио, на границата меѓу САД и Канада, нарекувајќи го Американско Езеро.
Google Maps ги прифати двете промени за корисниците во Соединетите Американски Држави.
Трамп им рекол на присутните дека на Google му испратил карта на која океанот бил означен како Трампов Океан Трамп, но дека претставниците на компанијата го одбиле предлогот.
„Господине, слушајте, во ред, ова не можеме да го направиме. Океаните се нешто друго. Тие се протегаат низ териториите на многу, многу земји. Тоа не можеме да го направиме“, раскажал Трамп, пренесувајќи ги наводните зборови на претставниците на компанијата.
Американскиот претседател рекол дека овојпат само се шегувал, но додал дека тоа не била најлошата идеја што некогаш ја имал. Засега нема потврда дека разговорот со Google навистина се случил.
Трамп во повеќе наврати има навестувано дека би сакал некој океан да го добие неговото име. Ја изнесе и идејата Ормускиот Проток да биде преименуван во Трампов Проток, очигледно со цел да го испровоцира Иран, со кој Соединетите Американски Држави се во војна.