Регрутите и симпатизерите кои претходно работеа за руската платеничка група Вагнер станаа клучен канал за саботажни напади организирани од Кремљ во европските земји, според Financial Times.
Весникот нагласува дека статусот на милитантната група останува неизвесен по неуспешното востание во јуни 2023 година, по кое следеa репресијата, потоа и смртта на нејзиниот основач Евгениј Пригожин.
Сепак, според разузнавачките службеници, регрутерите на Вагнер, кои беа ангажирани во убедување на млади мажи од оддалечените делови на Русија да се борат против Украина, добија нова мисија.
Имено, тие треба да регрутираат економски ранливи Европејци за да спроведуваат насилство на територијата на НАТО.
И руската воена разузнавачка служба (ГРУ) и Федералната служба за безбедност (ФСБ) станаа поактивни во обидите да регрутираат „агенти за еднократна употреба“ во Европа за да сеат хаос, пишува понатаму Financial Times.
Во последниве години, Кремљ наводно ја проширил својата кампања на дестабилизација и саботажа низ цела Европа, со наведена цел да ја поткопа решеноста на западните земји да ја поддржат Украина и да поттикнат социјални немири.
Во исто време, соочени со значително намалување на бројот на тајни агенти во европските земји, што е поврзано со голем број дипломатски протерувања, специјалните служби на Москва сè повеќе се свртуваат кон посредници за да ги извршуваат своите задачи, пишува понатаму Financial Times.
Како што изјавија високи европски разузнавачки претставници за Financial Times, мрежата Вагнер се покажа како најефикасна, иако груба, алатка.
Агентите на Вагнер добиле различни задачи, особено палење автомобили и магацини на политичари што содржат помош наменета за Украина.
Според еден европски функционер, руските специјални служби обично се обидуваат да создадат барем два „посреднички“ слоја меѓу себе и агентите што сакаат да ги користат.
„И Вагнер, и луѓето што биле дел од него... имаат долга и блиска врска работејќи за ГРУ на овој начин“, изјави неименуван функционер за Financial Times.
Од своја страна, ФСБ обично се свртува кон криминалните организации и дијаспората, со кои воспоставила комуникација во блиското странство на Русија, но овие мрежи не се толку ефикасни за масовно регрутирање.
Вагнер и неговите поддржувачи веќе имаа значително руско-ориентирано онлајн присуство на социјалните медиуми, а групата беше релативно лесно пренасочена кон меѓународни активности.
Улогата на мрежата Вагнер во саботажната кампања на Кремљ е под строг надзор од страна на европските разузнавачки и безбедносни служби уште од самиот почеток, забележува ФТ.
На пример, сметките на социјалните медиуми на Вагнер беа користени за регрутирање група Британци кон крајот на 2023 година.