Украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше во вторникот во Киев со американскиот конзервативен коментатор Бен Шапиро за улогата на Соединетите Американски Држави во војната меѓу Русија и Украина.

Роден во 1984 година во Калифорнија, Шапиро ја објави својата прва книга на 17 години, а до 20-тите години стана колумнист и говорник на конзервативните митинзи. Тој е основач и уредник на The Daily Wire, влијателен конзервативен портал. Тој е чест гостин на телевизиските канали како Fox News, а го води и популарниот подкаст The Ben Shapiro Show, кој има милиони слушатели. Бен Шапиро беше жесток критичар на Доналд Трамп во 2016 година, но подоцна се предомисли за политиката на Трамп.
Шапиро го поддржуваше и гласаше за Трамп и учествуваше во собирање средства за неговата кампања, но често јавно критикуваше одредени политики.
Интервјуто ќе се емитува во два дела на The Ben Shapiro Show на 24 и 25 април 2025 година и опфаќа клучни теми, како што се напнатата средба на Зеленски со американскиот претседател Доналд Трамп во март 2025 година, американската финансиска помош за Украина и изгледите за мир со Русија.
Шапиро го испрашуваше Зеленски за американската воена помош, тврдејќи дека САД испратиле речиси 200 милијарди долари во Украина - факт што беше оспоруван неколку пати. „Има многу прашања за тоа каде всушност одат тие пари“, рече Шапиро.
„Немаме што да криеме“, одговори Зеленски. „Ние сме целосно отворени.“
Војната во Украина е сè почеста мета на критики во САД, особено меѓу оние кои веруваат дека Вашингтон троши премногу пари од даночните обврзници за странска војна, наместо да ги насочува средствата за домашни потреби. Точната бројка за американската воена помош за Украина стана клучна точка на политичката расправа.
Во февруари, сегашниот американски претседател Доналд Трамп тврдеше дека Зеленски „ја убедил Америка да потроши 350 милијарди долари“ за војната. Но, германскиот Килски институт за светска економија, кој ги следи воените донации за Украина, објави дека САД ветиле вкупно околу 124 милијарди долари помош од јануари 2022 година до декември 2024 година.
Зеленски, исто така, ги отфрли тврдењата на Трамп, велејќи за Associated Press дека Украина не добила повеќе од 75 милијарди долари.
„Кога луѓето ќе спомнат 177, па дури и 200 милијарди долари, ние никогаш не го добивме тоа. Зборуваме за конкретна помош, не за пари, туку за оружје, кое изнесува околу 70 милијарди долари“, рече Зеленски.
„Можеби на хартија, преку стотици различни програми - нема да се расправам и благодарни сме за се. Но, во реалноста добивме околу 76 милијарди долари. Ова е значителна помош, но не е 200 милијарди долари“, рече Зеленски.
I traveled to Ukraine to interview President Zelensky. Part 1 of our conversation drops tomorrow on The Ben Shapiro Show. pic.twitter.com/3jvUIU9m5s
— Ben Shapiro (@benshapiro) April 23, 2025
Во видеоклипот што го објави Шапиро, тој го праша Зеленски дали ќе прифати ревизија на американската воена помош, но сè уште не е познато дали украинскиот претседател директно одговорил.
„Ние во суштина сме човечки штит против руската инвазија на цивилизираниот свет“, рече тој за време на разговорот.
Шапиро и Зеленски се осврнаа на спорниот состанок на Овалната соба со Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс, кој, наводно, завршил со жестока расправија.
„Таа средба не ѝ помогна на Украина“, вели Зеленски во клипот од интервјуто.
После тоа, односите меѓу Зеленски и Трамп дополнително се заладија, а американската помош за Украина беше накратко прекината.
„Американците се заинтересирани за работите што се случуваат овде“, рече Шапиро во најавата за интервјуто.