Иако сега ги краси зградите на институциите на Европската Унија, знамето со 12 ѕвезди на сина позадина има подлабока и поширока симболика. Неговата приказна започнува долго пред политичкото обединување на Европа, а денес многумина го гледаат како моќен израз на желбата за слобода, солидарност и самоопределување.
Дванаесетте златни ѕвезди на сина позадина, првично усвоени од Советот на Европа триесет години претходно, во 1985 година станаа еден вид „лого“ на Европската Унија и нејзините претходници.
За разлика од некои национални знамиња, овие 12 ѕвезди не претставуваат земји-членки или територијални единици, туку, како што е наведено на веб-страницата на Европската комисија, ги симболизираат „идеалите за единство, солидарност и хармонија меѓу народите на Европа“.
Во 1983 година, кон крајот на својот прв мандат како директно избрано законодавно тело, Европскиот парламент одлучи да го усвои ова знаме како симбол на она што денес го знаеме како Европска Унија, која тогаш сè уште беше позната како Европска заедница.
Две години подоцна, Европскиот совет, составен од претставници на тогашните 10 земји-членки, официјално ја одобри оваа одлука.
Веќе во 1986 година, откако Португалија и Шпанија се приклучија кон Заедницате, знамето - формално наречено само „лого“, со цел да се избегнат премногу силни асоцијации со државност, почна широко да се користи на зградите на институциите и во земјите-членки.
„На 29 јуни 1985 година европските лидери избраа симбол што ќе го издржи тестот на времето. Дванаесет златни ѕвезди во круг. Моќен симбол за тоа кои сме и за што се залагаме: единство и мир, демократија и солидарност. Денес славиме 40 години од нашето заедничко знаме“, напиша Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија, на X.
🇪🇺 On 29 June 1985, European leaders chose a symbol that would stand the test of time.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) June 29, 2025
Twelve golden stars in a circle.
A powerful symbol of who we are and what we stand for: unity and peace, democracy and solidarity.
Today, we celebrate 40 years of our common flag. pic.twitter.com/jsItEjalDg
Сепак, приказната за знамето не започнува тука - денес можеби најсилно се доживува како симбол на слободата и правото на самоопределување од страна на луѓето кои сè уште се борат за овие вредности.
Дизајнот на знамето е создаден од Арсен Хејц, француски уметник кој бил инспириран од христијанската иконографија, особено од мотивот на круната од 12 ѕвезди од Книгата на Откровението.
Иако ЕУ се дистанцира од религиозни конотации, ова е интересен историски детаљ што зборува за повеќеслојната природа на симболот.
За разлика од, да речеме, знамето на САД, бројот на ѕвезди на знамето на ЕУ останува 12 без оглед на бројот на членки. Ова ја нагласува идејата за трајност, совршенство и симболична целовитост, наместо флуктуации во членството.
Денес, знамето се користи и надвор од ЕУ. Се гледало на протести во Украина, Грузија, па дури и во Обединетото Кралство по Брегзит.
Стана симбол на надежта за демократските аспирации и европските вредности, давајќи му нова, речиси универзална улога.