Папата Франциск никогаш не ја посети Шпанија, иако секогаш имал посебна врска со неа.
Јазикот отсекогаш бил мост меѓу папата Франциск и Шпанија – земја во која живеел кратко во младоста – но во неговите 12 години на чело на Римокатоличката црква никогаш не стапна на нејзината почва. Планираше да ги посети Канарските Острови за да ја види од прва рака мигрантската криза, по поканата од премиерот Педро Санчес во октомври минатата година. Владата на Санчес е таа што ги интензивираше односите со Ватикан по доаѓањето на Франциск во 2013 година, иако поранешниот премиер Мариано Рахој може да се пофали дека тој е првиот европски лидер што бил примен од папата откако беше избран. И кралското семејство постојано се обидуваше да го донесе во Шпанија, но безуспешно.
Последен пат еден папа ја посети Шпанија во 2011 година, кога Бенедикт XVI дојде по трет пат за време на неговиот шестгодишен понтификат, по повод Светскиот ден на младите, објави шпанската RTVE.
Еден месец откако стана папа, Франциск во април 2013 ги прими Рахој, неговата сопруга и шпанската делегација во Ватикан. Со оглед на тоа дека е голем фудбалски љубител, Рахој му подари дрес од шпанската репрезентација потпишан од играчите, како и факсимил од книгата „De aetatibus mundi imagjins“ од 1500 година од Националната библиотека.
Тоа беше нивната единствена средба - Франциск не се сретна со ниту еден шпански премиер седум години, а министрите од трите влади на Рахој немаа можност да се сретнат со него.
Потпретседателката Сораја Саенс де Сантамариа, која беше една од најистакнатите фигури во владата на Мариано Рахој, се сретна со државниот секретар на Ватикан, Пјетро Паролини, но не и со папата. Поранешниот министер за правда Алберто Руи Галардон се сретна со него дури во 2019 година, но во тоа време тој повеќе не беше член на владата, туку дојде како претставник на Хиспано-семитската фондација.
Дури со доаѓањето на Педро Санчес на чело на владата зачестија средбите со папата, но првата средба се одржа дури во октомври 2020 година – две години откако Санчес ја презеде функцијата. Во средината на пандемијата, заедно со неговата сопруга Бегоња Гомес, тој разговараше со папата за заштита на најранливите, поправеден свет и миграциите од хумана перспектива.

Повторно се сретнаа минатиот октомври, среде војната во Газа. Френциск, кој е поддржан од левичарите и критикуван од конзервативците за неговите реформистички и отворени ставови, разговараше со Санчес за прекин на продажбата на оружје на Израел.
Папата и владата на Санчес се согласија за бројни прашања - од социјалната правда и човековите права, до правичната распределба на богатството и заштитата на малцинствата. Сепак, при последната посета беа допрени две чувствителни теми: сексуалната злоупотреба во црквата (по истрага спроведена од страна на Народниот правобранител Анхел Габилондо) и трансформацијата на Долината на паднатите (денес Куелгамурос), по ексхумацијата на останките на диктаторот Франсиско Франко.
Куелгамурос е новата официјална ознака за поранешната „Долина на паднатите“ (Valle de los Caídos), монументален комплекс во близина на Мадрид, кој долго време беше симбол на диктатурата на Франко, бидејќи таму беше погребан генералот Франко до неговата ексхумација во 2019 година. Шпанската влада го смени името и функцијата на локацијата како дел од процесот на „резигнификација“ за да го претвори во место за сеќавање кое не ја велича диктатурата.
Ексхумацијата на Франко предизвика контроверзии. Санчес во 2020 година тврдеше дека папата „помогнал“ во процесот, што Ватикан го негираше, нагласувајќи дека тоа „не е во нивна јурисдикција“ и дека ја почитуваат „законитоста на постапката“. Сличен инцидент се случи кога тогашната потпретседателка Кармен Калво тврдеше дека е постигнат договор Франко да не биде погребан во катедралата „Алмудена“ - што Ватикан исто така го негираше.
Најголемиот конфликт се случи во 2019 година кога папскиот нунциј во Шпанија, Ренцо Фратини, ја напушти функцијата (по завршувањето на неговиот мандат) и изјави дека шпанската влада го „оживеала“ диктаторот Франко со негово ексхумирање. Следеше официјална жалба од Шпанија, а Ватикан се огради од изјавите, потврдувајќи дека го почитува суверенитетот на шпанската држава.

И покрај овие тензии, од 2018 година папата беше домаќин на бројни шпански официјални лица.
По смртта на папата, министерот Феликс Болањо призна дека имало „разлики“, но нагласи дека во односот со Ватикан секогаш „давале приоритет на дијалогот и постигнувањето договор“. Го истакна напредокот во однос на даночниот статус на Црквата и регистрацијата на имотот, како и во процесот на редефинирање на Куелгамурос.
„Тоа беше однос полн со почит, постојан контакт и соработка – и донесе конкретни резултати.
И покрај сѐ, Папата не престана да добива покани за посета на Шпанија, не само од Санчес. Од 2013 година, поранешната кралска двојка Хуан Карлос и Софија, како и сегашниот крал Фелипе и кралицата Летиција, неколкупати го покануваа - на погребот на Бенедикт XVI, канонизациите на папите Јован XXIII и Јован Павле II, како и на други средби.
Претседателката на Мадрид, Исабел Диас Ајусо, го посети папата во март 2023 година со градоначалникот и делегација и по тој повод го покани да дојде. Ајусо ги цитираше неговите зборови: „Тој нѐ повика на единство и да ги ставиме луѓето пред идеологијата – што јас целосно го поддржувам“.
Лидерот на конзервативната Народна партија, Алберто Нуњес Феихо, исто така, го покани папата во Галиција за време на Светиот јубилеј во 2021 година. Франциск тогаш вети дека ќе ја „разгледа“ можноста.
Иако никогаш директно не кажа зошто не доаѓа во Шпанија, се смета дека причината била политичката поларизација во земјата. Во авион на пат за Абу Даби во 2019 година, тој им рече на новинарите: „Прво, нека се договорат меѓу себе“. Подоцна, на летот за Мароко, тој му одговорил на шпанскиот новинар кој му предал писмо од еден затвореник во Кастељон: „Би сакал да ја посетам Шпанија, благодарам“. На прашањето кога ќе биде тоа, тој криптички одговори: „Кога ќе има мир“.
Тој енигматичен тон беше забележлив и во 2020 година, кога по средбата со Санчес, веднаш по неуспешното барање за недоверба и тензиите околу Каталонија, тој рече: „Татковината се гради со сите. Политиката не е игра на маневрирање. Тоа е напорна работа. Кажете им на пратениците што мисли папата за тоа“.
Иако никогаш не ја посети Шпанија, папата отсекогаш беше со Шпанците кога било најтешко – како што е трагедијата во Валенсија поради лошите временски услови. Во видео пораката испратена до претседателот на шпанската бискупска конференција, Луис Аргеља, тој рече: „Близок сум со луѓето од Валенсија. Јас сум со нив во овој момент на катастрофа“.
За време на општа аудиенција на 6 ноември, тој покажа и слика на Богородица на беспомошните, заштитничката на Валенсија: „Сакав да ја поздравам Богородица која ги штити сиромашните, заштитничката на Валенсија, која многу страда“.
Неговата смрт ги потресе шпанските верници. Владата прогласи тридневна национална жалост, велејќи: „Почина добар човек, голем папа“.