Фудбал

Виртус Болоња ќе го одврзе ќесето за Милош Теодосиќ

15. јуни 2019 - 16:15 | К.З.

Враќањето на Милош Теодосиќ на Стариот континент е причина за радост на многумина навивачи на европската кошарка, а италијанските медиуми веќе почнаа да пишуваат дека тој ќе се пресели на Апенините бидејќи Виртус е подготвен да му понуди многу богат договор.

Капитенот на српската репрезентација најави дека се враќа во Европа кога ќе му заврши договорот со НБА тимот Лос Анџелес Клиперс и неговата одлука предизвика интерес кај голем број клубови.

Новинарот на Corriere dello Sport, Лука Молео, наведе дека управата на клубот Виртус Болоња е подготвена на Теодосиќ да му понуди двегодишен договор во вредност околу 2 до 2,5 милиони евра по сезона. Одлуката на српскиот кошаркар може да ја олесни тренерот на Виртус, Александар Ѓорѓевиќ, кој е селектор на репрезентацијата на Србија и многу близок пријател со Теодосиќ.

„Ако го тргнеме финансискиот елемент на страна, Теодосиќ би можел да ја одбере Болоња поради долгогодишната соработка со Ѓорѓевиќ, кој остави одличен впечаток во Виртус Болоња со освојувањето на Лигата на шампионите. Се очекува Милош да потпише со италијанскиот клуб веќе следната недела“, пишува Молео.

Теодосиќ имаше мала минутажа за Лос Анџелес Клиперс оваа сезона и при самиот крај на сезоната му беше дадено до знаење дека клубот ја раскинува соработката со него по крај на договорот. Тој би требало да ја предводи репрезентацијата на Србија на претстојниот Мундобаскет во Кина.

Коментирај