Иако хипертензијата е многу опасна токму поради тоа што е главно асимптоматска, постојат знаци кои можат да ве предупредат дека треба да посетите лекар.

Болестите на срцето и крвните садови се водечка причина за смрт во светот, а се очекува бројот на смртни случаи да продолжи да расте. Тие се и водечка причина за голем број здравствени состојби како што се мозочен удар, срцев удар и бубрежни заболувања.
Високиот крвен притисок може да не покажува никакви симптоми со години, додека не се развие оштетување на органите, па, за жал, проблемот често се открива доцна. Тоа влијае на околу 35 до 40 проценти од населението.
Повеќето луѓе страдаат од примарна хипертензија, а како точно се развива не е утврдено. Може да биде генетски или определен од фактори на животната средина, а се проценува дека околу 95 проценти од хипертензијата е примарна. Кај секундарната хипертензија, причината е некое друго органско нарушување.
Во ретки случаи, хипертензијата може да се манифестира преку симптоми, според Американското здружение за срце, и тие може да вклучуваат:
- црвени дамки во окото, почесто ако страдате од дијабетес
- црвенило на лицето
- вртоглавица која се јавува ненадејно и го оневозможува одењето може да биде симптом на мозочен удар
- заматен вид
- главоболка
- болка во градите
- отежнато дишење
Иако често нема симптоми, доколку забележите некој од овие, обратете се кај вашиот лекар. Силно покачен крвен притисок може да биде придружен со срцев удар, мозочен удар или друга опасна состојба.