МК сцена
ПОЧНА СЕДМИОТ INTERNATIONAL PRILEP JAZZ WEEKEND

Владимир Четкар: Свирењето пред македонската публика е како враќање дома

31. август 2018 - 17:18 | АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА
Седмото издание на Интернационалниот прилепски џез викенд почна вчера, 30 август, со настапите на италијанскиот џез состав Kekko Fornarelli Trio, современите македонски џезери Fierce и гитаристот Владимир Василевски-Четкар.
 
 
Prilep Jazz Weekend се одржува последниот викенд во август, а и годинава привлече бројна публика што го исполни просторот на летната сцена на НУЦК „Марко Цепенков“ во градот под Марковите Кули.
 
 
 
Првата вечер ја затвори настапот на гитаристот, вокалист, композитор, аранжер и музички продуцент од Њујорк, Владимир Четкар, родум од Охрид.
 
Неговиот критички признат, оригинален албум,издаден од „Heavenly” и „We Will Never End”, го стави на меѓународно ниво како едно од најистакнатите имиња во жанрот Џез-Соул-Фанк и му обезбеди турнеја со насловни изведби на некои од најголемите и најпрестижните музички фестивали во светот, како што се Џаразум џез фестивал (Јужна Кореја), Јава џез фестивал (Индонезија), Џез фестивал Пенанг (Малезија), Хонг Конг џез фестивал (Хонг Конг), Beishan Jazz Festival (Кина), Хуи Хин Џез фестивал (Тајланд), Индонезија, Индија, Нишвил Џез фестивал (Србија), Сигет фестивал (Унгарија), Синтез џез фестивал (САД) и многу други.
 
 
По енергичниот настап пред прилепската публика, каде се претстави по повеќе од 15 години, Четкар се наврати на неговите почетоци како музичар, што се случиле токму во Прилеп. Разговаравме и за начинот на кој ја комуницира музиката со публиката и што му значи враќањето дома како уметник.
 
- Прилеп секогаш ми бил волшебен, посебно заради една работа, кога патував од Охрид кон Битола, ја гледав природата, поинаква е, планините се поинакви, кога влегуваш во Прилеп станува некако помистично, како некоја загатка. Секогаш ги гледав карпите и ми беше, кога бев дете, како некоја магија. После некое време, првите неколку настапи што ги имав, во 1999 година, кога почнав да студирам во Бостон на „Беркли“, беа токму во Прилеп, во некогашната „Апореа“. После животот ме однесе по други патишта, излезе да имам настапи и дистрибуција на мојата музика низ цел свет, па во Прилеп немам дојдено повеќе од 15 години и ми беше посебен ќеиф да свирам тука.Со (организаторот) Гоце Бојкоски разговаравме неколку пати и сега конечно се склопија коцките и знаете... Сѐ е искреност во музиката, таа не е создадена за да ја делиме сами со себе, тогаш ќе си ја свириме сами во соба. Кога свириш пред публика, тоа е комуникација, исто како што имаме јазик, само се други емоции. Вечерва беше многу симпатично, публиката си дојде, почна да пее, си презеде иницијатива... тоа се тие најубави моменти, и нам и на публиката најубаво ни е кога комуницираме, без комуникација ниеден концерт не е успешен. дали било фолк, рок, поп, џез... мора да има некаква комуникација и вечерва беше прекрасно – убава енергија, убави луѓе, хумор...
 
 
Дали сметате дека има промена на македонската џез сцена во изминативе 10-15 години? 
 
- Дефинитивно. Многу, многу нови генерации кои свират прекрасно. Fierce на пример, кои настапија пред мене, се еден од водечките џез бендови во регионот, со креативна сила, енергија и навистина ми е ќеиф што ете квалитетот им е премногу битен. Кај нив нема компромис, а тоа е она што го сакам и јас, да не се прави компромис на квалитетот со она што е актуелно, тоа што си го работите да успеете да се поврзе со публиката, тоа е тој магичен момент. И Виктор Филиповски (тапанар) на некој начин нѐ обедини со Фирс, бидејќи со мене свиреше вечерва. Тој и Борислав Веселинов,кој не беше тука вечерва, тој исто, така свири со Фирс и со мојот секстет, така што како што се дружиме со пријатели кои ни се пријатни за дружење, така си ги бараме и луѓето кои ни се пријатни за свирење.
 
 
Веќе речиси две децении сте амбасадор на македонската музика низ светот. Какво е чувството да се вратите пред македонска публика?
 
- Чувството е како враќање дома. А тоа е најубаво. Кога ќе се вратиш дома мајка ти и татко ти се пресреќни што те гледаат повторно, така ги чувствувам јас Македонија и Македонците како фамилија. Многу ми е битно да сум во контакт со домот, пред сѐ заради моето духовно здравје. Имам настапено во преку 35 земји, со официјални концерти и фестивали низ светот, во Азија, Северна и Јужна Америка, Англија, Италија, Унгарија... нон-стоп патувам и свирам, но кога ќе си дојдам дома сум пресреќен бидејќи дома ми го разбираат хуморот, сите желби, да кажам – чиста слобода е.
Секаде има нешто што не чини, и тука не чинат некои работи, ама да знаете дека никаде не е совршено. Ама дома, каде што ти дал Бог душа, е најубаво. Најубаво! Ништо не може тоа да ти го замени. Тоа можам и да го потврдам. Многу го почитувам Њујорк, Менхетн, Вест Вилиџ каде што живеам, ама дома кога ќе се вратам... си е дома. Мајка ми кога ќе ми се насмее...Треба сите да се држиме, да сме промениме малку во менталитетот на подобро и ќе сфатиме дека имаме работи кои другите може само да го посакуваат. Прекрасна природа, локација во светот, дух, хумор, храна убава... само уште ние меѓусебно да се почитуваме и да не сме поделени.
 
Програмата на Прилепскиот џез викенд продолжува вечерва со настапите на Јордан Костов и Shangai Intense, Palette Ensemble Sokratis Votskos Quartet и Васил Хаџиманов Бенд, од 21 часот, на летната сцена на НУЦК „Марко Цепенков“.
 

Коментирај