Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Парите за дислокација на галиите Шилегов да ги пренасочи за Драчево

13. февруари 2018 - 15:13 | Макфакс

Ацо Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција изјави дека парите за дислоцирање на галиите, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, би можел да ги пренасочи за нова зграда на средното училиште во Драчево или спортска сала во училиштето „Рајко Жинзифов“.

„На средното земјоделско училиште во Драчево каде што учат стотици ученици потребна му е нова зграда. Во училиштето „Рајко Жинзифов“ потребна е нова спортска сала. Овие два проекти не чинат повеќе од 3 милиони евра. Наместо тоа, Петре Шилегов, од народни пари да дава 5 милиони евра да дислоцира галии за кои не е дадено ниту денар да се направат бидејќи се на приватни сопственици, нека одвои и нека даде 3 милиони на општина Кисела Вода да се реализираат проектите за ново средно училиште и нова спортска сала“, рече Јорданов.

ВМРО-ДПМНЕ изминативе денови од повеќе општини низ Македонија, предлага проекти кои би можеле да се реализираат наместо дислокацијата на галиите што ја најави Шилегов.

Градоначалникот образложи дека присуството на галиите претставува опасност за целиот град, во случај на надоаѓање на поголеми води.

Лани во мај надојдениот Вардар ги поплави самите галии.

Одлуката за поставување на бродови во Вардар беше донесена во 2012 година, во времето на ексградоналникот Коце Трајановски. И тогаш, еколозите предупредуваа дека не е безбедно да гради во коритото на Вардар.

Коментирај