Филм & ТВ

Во Битола вечерва почнува ИФФК „Браќа Манаки“

14. септември 2019 - 9:47 | МИА

Битола, 14 септември 2019 (МИА) – Со перформанс подготвен од режисерот Срѓан Јанаќијевиќ и со доделување на наградата „Златна Камера 300“ за животно дело која ќе му биде врачена на светски познатиот американски кинематограф Едвард Лакман, вечерва во Битола почнува 40-тото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Во Битола од синоќа пристигнуваат фестивалските филмски ѕвезди како што е Хосе Луис Алкаине, кинематографер на филмот „Болка и слава“ од Педро Алмодовар, кој воедно ќе биде и првата фестивалска проекција на големото платно во битолскиот Центар за култура. Во кино салата меѓу гостите ќе бидат и ирскиот режисер и филмски драматург Џим Шеридан, потоа режисерот Фатих Акин, филмаџии од државата и странство, филмофили и студенти од академии за филм и филмска уметност во Европа.

Филмовите во конкуренција ќе ги оценува меѓународно жири предводено од Лакман, а во одлучувањето ќе му помагаат и Ненад Дукиќ од Србија, Доминик Велински од Франција, Калојан Божилов од Бугарија и Фејми Даут од Македонија.

– Ноќеска вршевме последни подготовки за пречек во кино салата. Подготвени сме и вратите ќе бидат отворени за сите што со нетрпение и возбуда го очекуваат почетокот на фестивалот на кинематограферите од светот, велат од Центарот за култура-Битола во чии простории се одржува фестивалот„Браќа Манаки“.

Со одлука на организаторот, на јубилејниот фестивал ќе биде доделена „Златна Камера 300“ и на француско-грчкиот директор на фотографија Јоргос Арванитис, а со одлука на Друштвото на филмски работници на Македонија, наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ ќе му биде врачена на композиторот Љупчо Константинов.

Интернационалниот фестивал на филмската камера во Битола е најстар фестивал во светот посветен на филмските кинематографери кој првпат се одржа во 1979 година во чест на браќата Јанаки и Милтон Манаки. Од 1991 година фестивалот има натпреварувачки карактер.

Коментирај