Бизнис

Во Европа се купуваат помалку автомобили, само Volkswagen добро се држи на пазарот

18. февруари 2020 - 17:43 | МИА/КАЈГАНА

Европскиот пазар на автомобили забележа пад за 7,5 отсто во јануари, најмногу поради регулаторните измени, притоа силен пад претрпеа француските производители.

Групацијата Renault (со Alpine, Dacia, Lada) забележа намалена испорака за 16,3 проценти, исто како и неговиот француски ривал PSA (Peugeot, Citroën, DS, Opel, Vauxhall) пад за 12,9 отсто, ова според бројките од Здружението на европски производители на автомобили.

Вкупно на патиштата на Европската унија беа ставени скоро 957.000 нови патнички автомобили, но притоа четирите главни пазари беа под црвената линија: Франција (- 13,4 проценти), Шпанија (- 7,6 отсто), Германија (- 7,3 проценти) и Италија (- 5,9 отсто).

Здружението на европски производители на автомобили (ACEA) за прв пат ја објави статистиката за ЕУ без Велика Британија, за да овозможи споредба со 2019 година.

Падот во јануари без сомнение е последица на месец декември, кој бил вештачки надуен од исчекувањето на регулаторните промени што се случија со промената на годината.

Од една страна, ЕУ сега ги принудува производителите да го почитуваат просечниот плафон на емисиите на CO2 од 95 грама на километар за нивните автомобили, под ризик од тешки казни.

Од друга страна, неколку држави го зголемија данокот на автомобили на 1 јануари, како Франција која спроведе нагло зголемување на давачките за најзагадувачките возила.

„Големите даночни промени, објавени за 2020 година од страна на некои земји-членки на ЕУ, предизвикаа рана регистрација во декември 2019 година, што го објаснува падот во јануари. Но играа и други фактори, како што се влошувањето на економскиот контекст и неизвесноста предизвикана од излегувањето на Велика Британија од ЕУ“, велат од здружението на производители.

Но, не сите брендови се ставени под истиот тренд. Германската групација Volkswagen особено добро се одржа, консолидирајќи го своето прво место во Европа.

Регистрациите на Volkswagen паднаа само за 0,4 проценти, дозволувајќи му да го зголеми својот пазарен удел за 1,9 поени. Само брендот Volkswagen опадна за 6,6 отсто, но испораките на Škoda се одржуваа добро (- 1,4 проценти ), додека Audi (+ 6,4 отсто), Seat (+10,4 проценти) и Porsche (+ 76,4 отсто) успеаја да го кренат гигантот со дванаесет модели на автомобили.

Коментирај