Живот

Во кои земји не можеше да се патува со „семоќниот“ југословенски пасош?

26. мај 2019 - 13:27 | А.С.

Има многу приказни и урбани легенди за познатиот црвен пасош на поранешна СФРЈ, а една од нив е дека ги отвараше сите врати ширум светот и дека со него можеше да се патува секаде слободно.

Пасошот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија беше важечка патна исправа со која нејзините жители можеа да патуваат во странство.

За овој пасош до ден-денес важи дека бил еден од најмоќните на меѓународно ниво. Со него, многу државјани на СФРЈ можеа да одат во западните земји за време на Студената војна и имаа можност да најдат работа во западноевропските фирми.

Југословенскиот пасош се сметал за еден од најпогодните во светот бидејќи бил еден од ретките во тоа време со кое можело да се патува слободно и на исток и на запад.

Главната причина за ваквата слобода на патување била надворешната политика што Југославија ја водеше во 60-тите години на минатиот век.

Ваквата политика овозможи земјата како еден од лидерите на движењето на „Неврзаните“ да потпише бројни договори за безвизен режим со земјите од движењето, но и со повеќето европски земји, како од Источниот, така и од Западниот блок.

Граѓаните на СФРЈ можеа да патуваат слободно без виза во речиси сите земји, со исклучок на САД, СССР, Израел, Кина, Грција и Албанија.

Во текот на 70-тите, околу половина од полнолетното население на Југославија поседуваше пасоши и активно ги користеше за туризам, работа и шопинг, што ја услови појавата на „гастарбајтери“, но и фамозниот шверц на облека од Трст.

Колку многу сакале да патуваат Југословените говори фактот дека во 1976 година, државата од 20 милиони жители имала дури 16 милиони преминувања на границите со југословенски пасош.

Списокот на земји во кои можеше да се патува без виза се менуваше со тек на време, но сепак југословенскиот пасош беше далеку помоќен од денешните пасоши на која било од земјите што ја сочинуваа СФРЈ.

Според индексот на моќни пасоши ширум светот, ова е бројот на земји што може да ги посетат граѓаните на поранешните југословенски земји без виза: Словенија (149), Хрватска (143), Србија (113), Северна Македонија (108), Црна Гора (105) и Босна и Херцеговина (101).

Коментирај