Несреќи на работа им се случуваат на многу луѓе, вклучувајќи ги и актерите на сетови на серии и филмови.
Една таква ситуација му се случила на Арнолд Шварценегер за време на снимањето на филмот Terminator 3: Rise of the Machines од 2003 година.
Како што пренесува Far Out Magazine, славниот актер за малку ќе ги загубил прстите за време на снимањето на сцена во филмот. Станува збор за сцената во која Терминаторот насилно го влече ковчегот на Сара Конор надвор од гробиштата, а потоа влегува во експлозивна пресметка со полицијата.
Голем дел од оваа сцена е снимена кога Шварценегер всушност го носел експлозивот, што не била најмудрата одлука бидејќи на актерот му била потребна медицинска помош откако погрешна детонација за малку ќе му ја уништела раката.
„Целиот ковчег беше наполнет со мали експлозиви што пукаа, а идејата беше да ставам еден под мишка“, објасни тогаш актерот за Black Film. „Во средината на снимањето почувствував неверојатна болка и експлозија под прстот и апсолутно сум убеден дека ако немав дебели кожени ракавици, ќе останев без прсти“, додал актерот, пренесува Far Out.
За среќа, актерот не изгубил ниту еден прст по инцидентот, но морал да закрепнува неколку месеци. Тој објасни дека раката му била „неверојатно сина долго време“ и дека морал да побара лекарска помош.