Живот

Во Лондон финални подготовки за утрешната венчавка

18. мај 2018 - 15:25 | М.Д.

Во Лондон моментално се во тек финалните подготовки за утрешната кралска венчавка помеѓу принцот Хари и актерката Меган Маркл.

Мајката на Меган Маркл, Дорија Регланд, ќе се сретне со кралицата Елизабета Втора во текот на денот за прв пат во замокот Виндзор, заедно со својата ќерка и идниот зет.

Таа веќе се сретна со принцовите Чарлс и Вилијам.

Меган Маркл издаде соопштение во кое потврдува дека нејзиниот татко нема да дојде на венчавката и истакна дека се надева дека тоа ќе му даде простор да се фокусира на своето здравје после операцијата.

Клер Птак прави свадбена торта, која ќе им биде послужена на 600 присутни гости, пренесува „BBC“.

Клер вели дека тортата е направена по традиционален рецепт и дека ја подготвувала со помош на тим од шест луѓе, пет дена во кујната во Бакингемската палата.

Останатите членови на кралското семејство исто така се во Виндзор, вклучувајќи ги и војводата и војвотката од Кембриџ, како и принцот од Велс и војвотката од Корнвел.

Мајката на Меган се сретна со принцот Вилијам, неговата сопруга Кетрин и нивните деца, принцот Џорџ и принцезата Шарлота.

Таа исто така пиеше чај со принцот Чарлс и неговата сопруга Камила во средата.

Меган Маркл последната ноќ пред венчавката ќе ја помине со својата мајка во луксузен хотел, а принцот Хари ќе биде со својот брат Вилијам во друг хотел.

Вчерашната проба на возење во кочија го привлече вниманието на стотици луѓе, а кралскиот пар во автомобил ја помина рутата.

На венчавката ќе присуствуваат околу 250 припадници на војската, а се очекува околу 100.000 луѓе да отпатуваат во Виндзор за да ја набљудуваат венчавката.

Венчавката ќе започне утре во 12 часот и ќе се пренесува во живо насекаде ширум светот.

Коментирај