Заедничката египетско-американска археолошка мисија го откри горниот дел од колосалната статуа на кралот Рамзес II за време на ископувањата јужно од египетскиот град Минја, соопшти египетското Министерство за туризам и антиквитети.

„Блокот од варовник е висок околу 3,8 метри и го прикажува Рамзес седнат со двојна круна и наметка на главата со кралска кобра“, рече Басем Џихад, шеф на тимот на египетската мисија.
На горниот дел од задната колона на статуата се прикажани хиероглифски натписи кои го слават кралот, еден од најмоќните фараони на древниот Египет. Познат и како Рамзес Велики, тој бил третиот фараон од XIX египетска династија и владеел од 1279 до 1213 година п.н.е..
Големината на статуата во комбинација со нејзиниот долен дел, кој е ископан пред неколку децении, би достигнала околу 7 метри.
Градот Ел Ашмунеин, на западниот брег на Нил, бил познат во древниот Египет како Кемну, а во хеленско-римската ера бил регионален главен град на Хермополис Магна.
„Истражувањата потврдија дека горниот дел од статуата се совпаѓа со долниот дел откриен од германскиот археолог Гинтер Родер во 1930 година“, изјави Мостафа Вазири, шеф на египетскиот Врховен совет за антиквитети.
„Мисијата започна со чистење и подготовка на блокот пред да се моделира како ќе изгледа статуата кога ќе се спојат двата дела“, додаде Вазири.
