Свет

ОН: Во Северна Кореја има хуманитарна криза, децата се најпогодени

12. јули 2018 - 15:39 | А.С.

Околу една петтина од децата во Северна Кореја се погодени од неисхранетост, рече највисокиот службеник од агенцијата за хуманитарна помош на ОН при посетата на оваа изолирана земја, прва по 2011 година.

Марк Ловкок, потсекретар за хуманитарни прашања, го кажа ова по завршувањето на првиот ден од турнејата низ Северна Кореја што има за цел да ја крене свеста за тешките услови со кои се соочуваат обичните луѓе.

„Една од работите што ги увидовме тука е јасната потреба од хуманитарна помош“, вели тој во видеото објавено на веб страницата на ОН и на неговиот официјален профил на Twitter.

„Повеќе од половина од децата во руралните области немат чиста вода, изворите се загадени.“

Ловкок се сретна со официјалниот шеф на државата  Ким Јонг Чол и со министерот а здравство Јанг Јун Сан.

Хуманитарната помош е исклучок од санкциите што ОН ги наметнаа на Северна Кореја како казна за нуклеарната програма, но официјални лица велат дека испораката доцни поради трговските рестрикции.

Ловкок исто така посетил болница што не прима помош од ОН каде имало 140 пациенти болни од туберкулоза, а има лекови само за 40. На болниците ширум земјата им се потребни медицински залихи и опрема, што значи дека повеќето од нив  не можат да понудат основна медицинска нега што ги задоволува основните хуманитарни стандарди.

Тој рече дека пристапот на хуманитарните работници во земјата се подобрува, но не даде повеќе детали.

Неговото патување се фокусира на поттикнување донации и ОН велат дека треба да соберат 111 милиони долари за да се обезбеди хуманитарна помош за 6 милиони луѓе за здравство, снабдување со вода, санитарна помош и храна.

Коментирај