Бизнис

Во време на пандемија: Автомобилските компании ќе прават медицински вентилатори и маски

24. март 2020 - 11:34 | А.С.

Автомобилските компании одговараат на повиците на владите да помогнат во производството на медицински вентилатори и маски за лица и така да помогнат во борбата со пандемијата на Covid-19.

Вчера беше соопштено дека Fiat почна со пренаменување на една од своите фабрики во Кина да почне да произведува околу 1 милион маски месечно. Компанијата сака да почне со производство во следниве недели, соопшти извршниот директор Мајк Менли.

Други големи автомобилски компании разгледуваат начини како да го пренаменат производството за правење медицински вентилатори.

Американските гиганти General Motors, Ford и Tesla ветија дека ќе ги стават на располагање своите ресурси за правење вентилатори, а истото го направија јапонски Nissan и британските тимови во Формула 1.

Најголемите фабрики во САД, Европа и Азија прекинаа со работа во обид да се спречи ширењето на коронавирусот, но сепак ветија дека ќе помогнат во правењето вентилатори и друга медицинска опрема што е најмногу потребна во моментов.

Експертите сепак предупредуваат дека колку и да е благородна намерата, пренамената на погоните можеби нема да биде така лесна задача.

Јенс Халек, директор на компанијата за производство на вентилатори Hamilton Medical, за Wired изјави дека материјалите и компонентите потребни за изработка на вентилатори се „многу специфични“ и процесот бара „специјализирани вештини и знаења“.

Коментирај