Љубов и секс

Во врска со разведен маж: Како да комуницирате со поранешната сопруга?

15. ноември 2019 - 14:11 | А.С.

Кога сте си ја замислувале идеалната врска, животниот сопатник во вашите фантазии ги задоволувал сите ваши критериуми и очекувања.

Што кога ќе ја најдете таа личност и сте сигурни во својот избор, но вашиот избраник зад себе има брак, а можеби и деца?

Тоа во никој случај не смее да биде препрека, ниту да ве ограничува да бидете среќни, и вие, и тој и сите во ова проширено семејство, а пред сѐ децата.

Децата или често доаѓаат во неговиот дом или тој го има старателството над нив. Тоа значи дека сега и вие сте дел од нивниот живот и контактот со поранешната сопруга е неизбежен. На крајот на краиштата, таа е мајка на децата на вашиот партнер.

Експертите нагласуваат дека не е неочекувано „сенката“ на поранешната сопруга да се чувствува во домот и во атмосферата, не само кога се во прашање децата, туку и во контактите и односот со пријателите и роднините кои дошле во вашиот живот заедно со партнерот.

Многу е веројатно дека ќе има потсетник дека пред вас тука имало друга жена која ги правела нештата поинаку.

Најлошото што можете да направите во вакви ситуации е да се браните. Не дозволувајте да станете жртва на околностите и да се обидувате да бидете подобри или поразлични од бившата.

Не очекувајте од партнерот да ги решава евентуалните несогласувања меѓу вас и неговата поранешна сопруга, бидејќи може да му направите проблеми околу тоа колку често ги гледа децата.

Ако воопшто се појават несогласувања или проблеми, настојувајте да ги решавате меѓу вас двете. Ако на пример проблемот е во подарок што сте го купиле за детето и таа смета дека не е соодветен, во иднина консултирајте се со неа. Кога доаѓа во вашиот дом да ги земе децата, поканете ја на кафе, понудете да помогнете ако можете или побарајте совет за времето што децата го поминуваат кај вас.

Експертите нагласуваат дека треба да имате многу трпение и да очекувате негирање и одбивање. Но, љубезноста ќе ве однесе подалеку од конфликтот.

Откако еднаш ќе го „скршите мразот“ работите може да се одвиваат само во нагорна линија. Треба да имате на ум дека ова го правите за доброто на сите.

Во моментите кога ќе забележите дека влегува во разговорот „наострена“ за расправија, реагирајте смирено и ислушајте ја. Не мора да бидете најдобри пријателки, само треба да знаете како да комуницирате, за децата и за ваш личен мир.

Коментирај