Фудбалерите на загрепски Динамо не се задоволни од арбитражата на судијата Харм Осмерс по нерешениот резултат со Монако (2:2) во второто коло од Лигата на шампионите.
„Модрите“ не успеаја да ја задржат предноста од два гола, примија голови во 74. (Салису) и 90. минута од (Закарија од пенал).
Токму досудениот пенал во последната минута од натпреварот ги натера да го кренат гласот против главниот судија.
Играчите на Динамо потсетуваат дека претходно во слична ситуација капитенот Бруно Петковиќ беше соборен во шеснаесетникот на Монако, а германскиот арбитар покажа фаул во напад. Во 90-тата минута донел поинаква одлука, повторно на штета на Динамо.
„Не го разбирам судискиот критериум, не би сакал да се расправам околу тоа, но некои одлуки беа во нивна полза. Го прашав судијата, ако над Бруно немаше пенал, како може да биде пенал на другата страна? Навистина не ги разбирам тие одлуки“, рече стрелецот на вториот гол за Динамо, Мартин Батурина, а неговиот соиграч Јосип Мишиќ дополни:
„Ние сме мал клуб на кој може да му го направат ова“.
Динамо во следното коло гостува кај Салцбург.